14.11.2011, 13:09 Судиите го уништија дербито на СЕХА-лигата
Панџиќ и Шаторџија главни актери на ремито 19:19 меѓу водечките Металург и Загреб
Миодраг Мицковиќ
Ракометарите на Металург долго ќе жалат за пропуштената голема шанса да го положат на плеќи поранешниот двократен европски првак и четири пати вицешампион на стариот континент Кроација осигурање Загреб, со кој ремизираа 19:19 во дербито двете водечки екипи во регионалната СЕХА-лига. Македонскиот првак ја имаше победата в раце, во второто полувреме во два наврата водеше со пет гола разлика (13:8 и 15:10 во 45 минута), но поради своите грешки и непотребно брзата игра, кога наместо да ја смири топката почна да форсира бркотница на теренот, му дозволи на противникот со серија голови да намали на 14:15.
И тогаш почна вистинска драма на теренот: Металург во последните пет минути постојано имаше водство од еден гол разлика (17:16, потоа и 18:17), но не успеа да ја сочува предноста, бидејќи тогаш на сцена стапија слабите судии Горан Панџиќ и Борис Шаторџија од Бања Лука, кои донесоа три спорни одлуки на штета на домаќинот. Прво му поништија гол на Наумче Мојсоски, а потоа и на Младен Ракчевиќ при резултат 18:18. До крајот остануваа 90 секунди, кога беше досуден седмерец за Металург. Во тие моменти сите гледачи беа на нозе, најдобриот домашен играч Мојсоски го реализира ударот од седум метри и „металурзите“ повторно беа во водство (19:18). Но, не го сочуваа, бидејќи израмни Мариќ од контранапад на 40 секунди до крајот.
Последниот напад го имаа ракометарите на Металург, кои постојано беа фаулирани за да не можат да упатат удар кон голот на Шего, но на секунда или две пред сирената да го означи крајот на мечот, речиси од невозможна ситуација Миладин Козлина постигна гол. И додека играчите на Металург се радуваа на победата, судиите досудија девет метри, со образложение дека Козлина бил фаулиран во моментот кога шутирал кон голот на загрепчани. Залудно протестираа домашните ракометари, судиите не го признаа голот, времето веќе беше изминато и остана само да се изведе ударот од девет метри, од кој Мојсоски ја погоди пречката! Имаше многу расправија со судиите по завршувањето на натпреварот, а беа незадоволни и гостите. Со еден збор, судиската двојка од Босна и Херцеговина не беше дорасната да го води големото дерби на новоформираната регионална лига.
И двете екипи по овој меч останаа единствени непоразени во лигата и најголеми кандидати за титулата. Колку беше цврста и рамноправна играта и колку беше тешко да се постигне гол говори и податокот дека во 20 минута резултатот беше 4:4, а првото полувреме заврши 8:8.
Штета е што овој спектакуларен меч не се одигра во салата „Борис Трајковски“, бидејќи во неделата навечер многу љубители на раколметот остана пред салата во Автокоманда.
Металург – К.О. Загреб 19:19
Полувреме: 8:8. Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Гледачи: 1.500. Судии: Панџиќ и Шаторџија од БиХ. Седмерци: Металург 4/5, Загреб 2/4. Исклучувања: Металург 6 мин., Загреб 6 мин.
Металург: Станиќ (12), Ангелов, Ракчевиќ 1, Димовски 1, Марковиќ, Козлина 2, Георгиевски, Миркуловски 2, Н. Мојсоски 8, З. Мојсоски 4, Левов 1, Манасков, Стоилов, Марковски, Алушовски, Јоноски. Тренер: Лино Червар.
Кроација осигурање Загреб: Шего (7), Пешиќ (4+1), Мариќ 3, Брозовиќ, Степанчиќ, Хорват 2, Копљар 4, Т. Валчиќ, Балиќ 3, Шпилер, Вукиќ 4, Гојун, Матулиќ 2, Штрлек 1, Ј. Валчиќ, Гал. Тренер: Ивица Обрван.
|