15.11.2011, 14:52 Се уште не е закажано судење за заемот на „А2“
Судскиот процес не е закажан и по еден месец од одлуката на судот за иницирање на вакво судење и по поднесување на тужбата
Основниот суд Скопје 2 се уште не закажал судење по поднесената тужба за утврдување на законитоста на земените заеми, а што придонесе да остане активна сметката на телевизијата „А2“.
Засега е тешко да се каже зошто „граѓанскиот“ суд не успеал да одреди термин за судење, но извесно е дека стечајниот управник, во законски предвидениот рок, ја поднел тужбата која, според мислењето на стечајната судијка, требало да ја поднесе. Стечајниот управник, пред точно еден месец, на судско рочиште беше задолжен да поднесе тужба со која ќе треба да се утврди законитоста на позајмиците кои ги зела телевизијата, а со кои требало да се покрие долгот кон државата на име неплатени даноци.
Станува збор за договори кои што „А2“ ги потпишала со Нермин Бислим и со бизнисменот Томур Цаноски. Првиот договор кој што е потпишан со зетот на сега притворениот Велија Рамковски е на износ од 1,5 милион, а вториот договор е во висина од 10 милиони денари. Со примените пари „А2“ го плати данокот кон државата во висина од 150.000 евра, а на сметката, како што тврдат управителот и ��двокатот на телевизијата, има доволно средства за непречено работење.
За Државното правовранителство проблем претставува тоа што двете позајмици биле склучени само еден ден пред закажно судење на кое што требало да се расправа за отворање на стечај на „А2“, но според адвокатот Донче Наков со позајмиците е избегнато најлошото сценарио за телевизијата. Тој, по приемот на вештиот наод и мислење, побара судот да констатира дека вештите лица констатирале дека од 25 август, кога биле склучени договорите за позајмица, па се' до денот кога вештачењето било изработено сметките на „А2“ биле активни.
Постапката со „А2 ТВ“ оди паралелно со онаа која се однесува на „Плус продукција“, односно фирмата која се јавува како издавач на сега згаснатите дбневни весници „Време“, „Шпиц“ и „Коха е Ре“. Од судот велат закажаното рочиште за „Плус продукција“ било одложено, бидејќи не се стекнале услови за нормален тек на судењето и затоа процесот бил презакажан за 13. следниот месец. (Љ.С.)
|