14.11.2011, 12:30 Поддршка на „Манифестот на Македониумот“ и во другите градови
Поддршка на „Манифестот на Македониумот“, покрај на двата постоечки пункта во Скопје - Домот на АРМ и салата „Борис Трајковски“, од денеска до петок ќе може да се даде и во сите домови и центри на културата низ Македонија.
Отворањето на новите пунктови надвор од Скопје, како што велат во Организацискиот одбор, е поради големиот интерес за поддршка на Манифестот, а со цел да им се овозможи на сите граѓани да учествуваат во оваа иницијатива.
Процесот на собирање потписи за поддршка ќе трае до 18 ноември, кога ќе бидат презентирани и наредните чекори во насока на запознавање на европските институции со ставот на граѓаните на Република Македонија.
Оваа иницијатива се потпишува откако група македонски спортисти и уметници реагираа на изоставување на придавката „македонски“ во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија.
Откако ќе се соберат одреден број потписи, Манифестот ќе биде доставен до Делегацијата на Европската унија во Скопје и лично до еврокомесарот Штефан Филе.
Во Манифестот се вели дека Македонците се шокирани од актот на бришење на придавката „македонски“ и оти Македонците се рамо до рамо, ако не во економијата, тогаш во уметноста, науката и спортот со европските народи.
- Бришењето е чин кој како што покажува светската историја, никогаш не успеал, дури ниту како картографски метод. Може да избришете и цела територија на некоја мапа, цела држава, но никогаш не ќе можете да избришете цел народ. И бидејќи ние Македонците сме народ, а никој никогаш не избришал народ, може некој таму да „избрише“ поединец-Македонец, но народот во целина не може. Апелираме да влијаете врз сите оние политички сили кои на Република Македонија и пристапуваат со гумичка за бришење и ве молиме да ги потсетите дека Македонија е реална, но и мистична земја. Зошто инаку би била спомената 28 пати во Библијата, стои во Манифестот.
|