13.11.2011, 11:27 Замина Берлускони, мајсторот на скандали и гафови
Силвио Берлускони синоќа поднесе оставка на функцијата премиер на Италија, јавија италијанските медиуми. Тој му ја врачи оставката на претседателот Џорџо Наполетано откако претходно одржа состанок со раководството на неговата партија.
Тоа беше очекувано откако пред неколку часа Долниот дом на италијанскиот Парламент го усвои пакетот економски реформи кои ги побара Европската унија, за да се избегне кризата да се прошири во таа држава. Горниот дом на Парламентот, Сенатот, тоа го направи вчера, па на тој начин е изгласан буџетскиот закон кој содржи реформски мерки.
Неколку илјади демонстранти вечерва излегоа на улиците на Рим за да ја поздрават неговата оставка.
Со заминувањето на Силвио Берлускони од функцијата премиер на Италија, е завршена една политичка ера во земјата со најмногу скандали во најновата историја на државата, оценуваат западните агенции.
Берлускони ја „освои Италија“ кога стапи на политичката сцена во 90-тите години на минатиот век во време кога беше сопственик на фудбалскиот клуб „Милан“, како и на мрежата на популарни и комерцијални телевизиски канали.
Неговата компанија „Фининвест“ имаше удел во најголемата италијанска издавачка куќа „Арнолдо Мондадори“ меѓу чии изданија е „Панорамо“, едно од најпопуларните списанија во Италија. Благодарение на тоа, како и на врските со Социјалистичката партија и нејзиниот водач Бетино Кракси, стана еден од најбогатите и највлијателните луѓе во Италија.
Беше еден од премиерите со најдолг стаж во Италија по Втората светска војна, и трет кога станува збор за должината на мандатот од формирањето на Италија, по Бенито Мусолини и Џовани Џолити.
Три пати беше премиер, во периодите 1994-1995, 2001-2006 и 2008-2011 година. Основач е на партијата „Форца Италија“ (Напред Италија) со која во март 1994 година победи на изборите. Оваа партија и Националната алијанса се обединија во 2009 година во партијата „Народ на слободата“ на чие чело беше Берлускони.
Според листата на „Форбс“ во 2010 година, тој е трет човек во Италија според богатството, кое изнесува девет милијарди долари, а сопственик е и на палати во Сардинија и ширум светот. Берлускони се доведува во врска со низа сексуални и корупциски скандали, а неговиот мандат го одбележаа бројни гафови.
Тој ќе се памти и по оној кога, коментирајќи ја состојбата во италијанската економија, тој овој месец рече дека да се живее во Италија значи да се живее во една просперитетна земја во која по ништо не се чувствува сериозна криза.
- Тоа го гледаме во сите пригоди, продажбата не се намали, рестораните се полни, проблем е да се најде место во авион, местата за одмор се преполни во текот на продолжен викенд, истакна Берлускони.
Непримерна изјава даде во април 2009 година, кога ги посети преживеаните во земјотресот кои беа сместени под шатори. - На ова тие треба да гледаат како на викенд поминат на кампување, рече тогаш Берлускони.
Познат е и по тоа што себе се нарекуваше „Исус Христос на политиката“. Тој говореше дека единствено Наполеон можел да направи повеќе од него, но дека тој е „дефинитивно повисок“. Ќе остане познат и по изјавата за Мусолини за кого рече дека никого не убил туку само ги „испраќал луѓето во егзил“.
Во текот на групно фотографирање на еден неформален Самит на ЕУ во Шпанија во февруари 2002 година, Берлускони постави два прста над главата на шпанскиот министер за надворешни работи Жозеф Пике.
Последните анкети на јавното мислење покажаа дека неговата популарност се намали на рекордно ниско ниво - на само 22 отсто.
Како што се очекуваше, тој синоќа поднесе оставка на фунцијата, што беше прифатена од претседателот Џорџо Наполетано.
Берлускони кој изминатите 17 години, 10 години беше на власт, ја остава Италија во политички вакум, па се очекува брзо именување на новиот мандатар. Како еден од главните кандидати се спомнува поранешниот комесар на Европската унија, Марио Монти.
Непоредно пред да поднесе оставка на фунцијата, илјадници демонстранти во очекување на оставката, синоќа со знамиња се собраа пред канцеларијата на претседателот носејќи плакати со натписи „Бај бај Силвио“.
- Длабоко сум огорчен, рече Берлускони во изјава за италијанските медиуми, додека демонстрантите на улиците во Рим извикуваа „Кловн“ и „Замини веднаш“.
|