16.11.2011, 14:59 Трилер победи за Дамјан Стојановски и Самарџиски
Лукоил на македонскиот репрезентативец Дамјан Стојановски оствари важен триумф во Еврокупот на гостувањето кај Остенде 66:65, додека Литвос Ритас на Предраг Самарџиски направи огромен пресврт во последната четвртина за победа над Крка од 73:65.
Тактиката на бугарскиот тим предводен од нашиот бивш селектор Јовица Арсиќ да се одржува постојана резултатска неизвесност и да се направи завршниот удар на крајот вроди со плод. Слободните фрлања на неколку секунди пред истекот на времето на Брендон Хит ја донесоа победата за Лукоил.
Дамјан Стојановски одигра 20 минути, во кои постигна седум коша (1/2 за два, 1/4 за три, и 2/2 од слободни фрлања). Тој беше важна алка во дефанзивниот дел, кој на крајот беше клучен за победата.
Во истиот термин во Словенија Литвос Ритас го играше мечот со Крка. Самарџиски беше најавен како комплетно заздравен од повредата која го мачеше во минатиот период, но тренерот на Литвос одлучи да го заштити и не го стави меѓу стартерите. Самарџиски одигра вкупно 10 минути во кои не промаши. Постигна пет коша (2/2 за два поени и 1/1 од слободни фрлања).
Крка одржуваше благо водство во текот на целата средба, но во последната блеснаа гостите, кои тие 10 минути ги добија со 20:6.
|