18.11.2011, 15:25 Промовирана „Македонија во транзицискиот тунел“
Димитар Мирчев е македонскиот Џорџ Бернард Шо, оцени д-р Срѓан Керим, на денешната промоција на збирката колумни објавени во „Дневник“
Редакцијата на дневниот весник „Дневник“ и издаваштвото „Круг“ денеска ја промовираа книгата збирка колумни на професорот Димитар Мирчев насловена „Македонија во транзицискиот тунел-политоскоп и сатерикон на последната петолетка“. Проф. д-р Мирчев рече дека се работи за повеќе од 140 текстови, колумни кои се реакција на политички дразби. „Тоа е реагирање на редица настани, луѓе, случувања, што имаат некаква логика, случувања обработени во еден критички филтер, во една сатира, иронија, а некаде и политички хумор. Тие стануваат кратка историја што не е завршена. Колумните се сведоштво на движењата во ек, една пулсација на нашата политичка култура и реалност, дури и кога се работи за надворешно политички теми“ истакна Мирчев, на промоцијата, на која присуствуваа голем број гости, меѓу кои претставници на државни институции, политичари, како и претставници на дипломатскиот кор. Тој им се заблагодари на сите негови соработници кои учествувале во подготовката на книгата, како и на весникот „Дневник“ и првиот човек на групацијата МПМ, Срѓан Керим.
Управителот на МПМ, д-р Срѓан Керим го нарече Мирчев македонскиот Џорџ Бернард Шо, споредувајќи го неговиот начин на изразување со делата на ирските класици. „Тоа што го краси стилот на Мирчев, мислата, начинот на кој ја оформува, искажува и тој привиден би рекол сарказам, тоа може да го најдете во најсилните дела на ирските класици, кој целиот свет ги признава. Тоа е македонскиот Џорџ Бернард Шо“, потенцираше д-р Керим. Тој додаде дека се работи за збирка колумни во „Дневник“ , која меѓу другото сведочи и дека овој дневен весник сака да ја негува трибината на интелектуалното искажување.
Според него, интелектуалните дебати на Мирчев, кој се одликува со либерално обоена мисла, е нешто несекојдневно кај нас и е нешто што недостасува. (Ж.Х.З.)
|