14.11.2011, 11:44 Награда за „Мајки“ на филмскиот фестивал во Минск
„Мајки“ на Милчо Манчевски ја освои наградата „Филмот како уметнички феномен“ на филмскиот фестивалот во Минск.
Наградата ја доделува интернационално жири на филмски критичари и филмски работници. Ова е петта меѓународна награда за филмот на Манчевски.
- Не ни знаев дека филмот игра во конкуренција. Тој наиде на одличен прием, имав долги разговори со публиката и интервјуа. Дента фотографирав по периферијата на Минск и ќе ја пропуштев церемонијата, ама организаторите ме најдоа. Се изненадив кога од бината си го слушнав името, изјави режисерот Манчевски.
Минатиот и овој месец „Мајки“ играше на повеќе фестивали во светот, најчесто вон конкуренција. Комисијата на Европската филмска академија го вброи филмот во 20 избрани за наградата на ЕФА.
„Мајки“ е македонско-француско-бугарска копродукција и лани беше најгледан филм во Македонија.
|