17.11.2011, 12:30 Шеснаесетгодишен хокеар загина од удар со пак

Фаталните повреди несреќниот Фундитус ги добил за време на саботниот меч при обид со тело да блокира еден удар на противничкиот тим.
Шеснаесетгодишниот канадски хокеар Кајл Фундитус, член на средношколскиот тим „Ден Витон Миџет“ од Едмонтон почина од удар со пак во пределот на вратот.
Фаталните повреди несреќниот Фундитус ги добил за време на саботниот меч при обид со тело да блокира еден удар на противничкиот тим. За несреќа, пакот со голема брзина завршил во неговиот врат, а повредите предизвикале срцев удар кој бил фатален за младиот хокеар.
На патот до болница медицинскиот персонал на итната помош се обидувал да го реанимира 16-годишниот Фундитус, но за жал не успеале во обидите.
„Неговата страст за хокејот засекогаш ќе остане во нашите срца – се вели во соопштението на неговите родители“.
Трагичниот настан повторно ги отвора прашањата околу безбедноста на хокеарите во текот на мечевите. Младите хокеари носат мрежеста заштита на лицето и штитници на вратот, но тие се дизајнирани за да заштитат од удар од палките, а не од пакот кој лета со огромна брзина.
|