17.11.2011, 10:13 Путин: Русија продолжува да нуди помош за кризата во еврозоната
Русија останува подготвена да и помогне на Европската унија во справувањето со кризата, изјави рускиот премиер Владимир Путин за време на средбата со водечките германски претприемачи.
- Земјите од еврозоната, како и азиските земји, а особено Јапонија се соочуваат со сериозни економски проблеми, изјави Путин нагласувајќи дека руската економија е прилично стабилна.
Путин, сепак истакна дека Русија наидува на одредени проблеми со оглед на меѓусебната поврзаност на сите процеси во современата светска економија. Рускиот премиер изрази уверување дека за надминување на кризните тенденции е неопходно усогласување на заедничкките напори на сите земји.
- Верувам дека консултациите меѓу Русија и Европската унија за актуелните проблеми на тековната економска и финансиска ситуација би биле од голема корист, и убеден сум дека ќе се продолжи по истиот клуч, изјави рускиот премиер.
Тој нагласи дека Русија е подготвена да се вклучи, иако е веќе присутна, во решавањето на проблемите за надминување на кризата, па и во еврозоната.
- Подготвени сме да пружиме практична, реална помош, првенствено со посредство на меѓународниот монетарен фонд (ММФ), што веќе и го правиме, изјави Путин истакнувајќи дека Русија денеска има такви можности благодарение на зачуваниот економски раст.
|