22.11.2011, 14:46 Фестивал на анимиран филм „Анимакс Скопје фест“
Во трите фестивалски денови, љубителите на анимираниот филм ќе имаат можност да проследат околу педесетина филмови од 25 земји од светот.
Од четврток до сабота, на две локации во Скопје, во Кинотеката на Македонија и во киното „Фросина“ во МКЦ, ќе се одржи првото издание на фестивалот на анимиран филм „Анимакс Скопје Фест“. Во трите фестивалски денови, љубителите на анимираниот филм ќе имаат можност да проследат околу педесетина филмови од 25 земји од светот. Проекциите во Кинотека на Македонија ќе почнуваат во 17 часот, додека во Младинскиот културен центар во киното „Фросина“ во 20 часот.
Фестивалот ќе има свое мини отворање, кога задутре во Кинотеката во 17 часот, ќе се одржи ретроспектива на македонската анимација, што се поклопува со јубилејот - 40 години од првиот македонски анимиран филм „Ембрион No. М“ од Петар Глигоровски снимен во 1971 година, а кој во 1976 ја доби наградата „Сребрена мечка“ во Берлин. Ќе биде прикажан и неговиот „Феникс“, потоа ретроспектива на филмови од Дарко Марковиќ, како и „Отпор“ и „Тоа е мојот живот“ на Боро Пејчинов, „Успех“ и „Афирмација“ на Делчо Михајлов, „Апартман“ и „Најтешкото“ на Афродита Марковиќ, и поновите - „Ангел“ на Вук Митевски, „Вистинската приказна за Хансел и Гретел“ на Гоце Цветановски и „Внатре“ на Иван Ивановски.
Инаку, официјалното отворање ќе почне во киното „Фросина“ во 20 часот со францускиот филм „Бабел“, а ќе продолжи со прикажување на уште 13 филмови од повеќе земји од светот.
Фестивалот „Анимакс Скопје Фест“ е од натпреварувачки карактер. Жири комисијата која ќе биде претставена првата вечер, е составена од: Ан Мари Флеминг од Канада, Растко Чириќ од Србија и Дарко Марковиќ од Македонија. Во рамките на фестивалот ќе има и една специјална прокција која ќе се случи во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите во Македонија. Во петок во 18 часот ќе се прикаже филмот „Јас сум дете на преживеани од Холокаустот“ на Ан Мари Флеминг, која е член на жирито, а ќе се одржи и средба со оваа уметница која работи во повеќе жанрови.
Покрај проекцијата на Флеминг, во втората фестивалска вечер во Кинотека на Македонија ќе се прикажат најдобрите филмови од здружението „Лиаф“, а потоа уште 13 филмови од официјалната селекција во киното „Фросина“.
В сабота, фестивалот почнува во 11 часот со детска програма, додека во 12 часот ќе се одржи работилница за анимација за деца насловена „Од цртеж до филм“, која ќе ја одржува професор од Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА. Програмата во Кинотека ќе заврши во 17 часот со проекција на анимирани филмови од скандинавските земји. Во „Фросина“, пак, во последната вечер ќе бидат прикажани уште девет светски филмови, кога ќе бидат прогласени и победниците на првиот „Анимакс Скопје Фест“.
„Ова е прв фестивал од ваков вид во Македонија и среќни сме што ја имаме честа да го организираме“, рече на вчерашниот прес директорот на фестивалот, Кузман Кузмановски. „Уште повеќе што за едно прво издание пристигнаа голем број на филмови, 150 додека траеше пријавувањето и уште 52 по завршувањето на селекцијата, и тоа од 25 земји од светот. Она што не направи посебно среќни, е тоа што со првиот фестивал се поклопи еден мошне значаен јубилеј за Македонија - 40 години од првиот анимиран филм. Се надеваме дека фестивалот ’Анимакс‘ ќе стане традиција.“
Селектор на програмата е Благоја Куновски-Доре, кој истакна дека анимацијата е негова посебна љубов, негова специјалност во изминативе 40 години. „Затоа се зафатив да бидам дел од овој прв фестивал од ваков вид во Македонија. Почетоците на анимираниот филм кај нас беа навистина успешни. Автори како Петар Глигоровски, Дарко Марковиќ и Боро Пејчинов, се вивнаа на врвот на светската анимација, здобивајќи се со престижни награди. Во 70-тите и 80-тите години на минатиот век беше златното време на анимацијата во Македонија, која згасна со осамостојувањето на државата. Но, се надевам дека токму овој фестивал ќе значи не само рехабилитација, туку и носење на свежа крв“, рече Куновски, кој додаде дека компетецијата е изненадувачки квалитетна.
На фестивалот ќе се доделат три награди, златна, сребрена и бронзена тула, како и една специјална. Како што рече директорот на фестивалот Кузмановски, симболиката со тулата е затоа што организаторите веруваат дека ѕидовите се рушат со глава, но и дека анимацијата е посебна тула на уметноста, и дека таа е основниот материјал за градење. „Сметаме дека ќе изградиме топол дом за сите аниматори во Македонија“, рече Кузмановски.
Фестивалот е финансиски помогнат од Министерството за култура, во соработка со Кинотека на Македонија, Младински културен центар и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија. Билетот за сите вечери чини симболични 50 денари. (Т.И.)
|