22.11.2011, 13:37 Маса ќе мора да се докаже в година
Ди Монтеѕемоло му испорача на Бразилецот услов да биде многу подобар од годинава
Претседателот на Ферари, Лука ди Монтеѕемоло, уште еднаш повтори дека нивниот критикуван возач Фелипе Маса ќе биде дел од тимот од Маранело и в година, но предупреди дека ќе треба драстично да се подобри во сезоната 2012. Маса успеа да освои само 108 поени сезонава и е далеку од формата на тимскиот колега Фернандо Алонсо, кој собра 245 бода. И покрај неуспешната сезона за Бразилецот, Ди Монтеѕемоло вели дека ќе го почитуваат договорот што го имаат со Маса.
„Возачите? Имаме договор со Фернандо до 2016 година и тој е најдобриот возач во светот. Договорот на Маса е за целата следна сезона. Тој е со нас веќе неколку години и, иако немаше баш извонредна сезона или многу среќа, не ја доведуваме во прашање способноста на возачот што за малку не ја освои титулата пред три години и кој секогаш е брз и конкурентен“, изјави претседателот на Ферари за италијанскиот весник „Газета дело спорт“.
На една трка до крајот на годинашната сезона, која ќе се вози в недела во Бразил, Маса ќе има уште една, последна шанса да импресионира пред својата домашна публика и да врати нешто од претходната форма што ја имаше некогаш. Ди Монтеѕемоло, меѓутоа, предупреди дека 2012 ќе биде сезона „се' или ништо“ за 30-годишникот.
„Да се надеваме дека ќе ја заврши сезонава со добар резултат во Бразил, а в година очекуваме големи работи од него и потоа ќе решиме што понатаму. Да речеме дека тој ќе мора да се докаже следната сезона“, објаснува првиот човек на најстариот тим во Формула 1.
|