22.11.2011, 13:35 Австриските инвеститори со позитивни искуства од Македонија
„Мојата земја Република Македонија, во изминативе неколку години за многумина се издигна во едно од најпријатните изненадувања и еден од најпозитивните економски примери во Европа“, рече премиерот Груевски на Македонско-австрискиот бизнис форум во Виена.
Македонија како поволна бизнис дестинација, премиерот Никола Груевски и владиниот тим во Виена ја претставија пред околу 150 австриски компании кои присуствуваа на Македонско-австрискиот бизнис форум.
- Мојата земја Република Македонија, во изминативе неколку години за многумина се издигна во едно од најпријатните изненадувања и еден од најпозитивните економски примери во Европа. Сепак, за оние кои доволно ги познаваат македонските економски прилики, таквите карактеристики не се воопшто изненадување, рече премиерот Грувски.
Тој им порача на присутните дека многумина веќе ја препознаа Македонија како партнер со кој можат да го оплодат својот капитал и ги повика и тие да ја посетат и да се уверат во поволната бизнис клима.
- Владата во изминатите неколку години презема голем број темелни, сеопфатни и крупни реформи со цел Македонија да ��е направи земја со најниски даноци во Европа, намалени трошоцие за работење, едни од најлесните процедури за отворање и водење бизнис, држава во која Владата и институциите се вистински партнер и сервис на странските инвеститори....., со неколку зборови спроведовме впечатливи макроекономски и структурни реформи за целокупно подобрување на бизнис климата во земјата, итакна македнскиот премиер.
Посочувајќи дека за кратко време квалитетните економски политики почнаа да ги даваат своите резултати, истакна дека во годините пред кризата Македонија ги имаше најголемите стапки на раст на БДП во својата понова историја од 5 и 6 отсто, со истовремен засилен раст на извозот и зголемен број странски инвестици. - За време на големата светска економска криза, додека големиот број европски бродови беа сериозно разнишани, а дел од нив скоро потопени од големата бура, македонскиот брод остана стабилен и ние поминавме со најмалку можни штети, споредено со многу други држави, потенцира Груевски.
Според него, потврда за добрите резултати пристигна и од Светската банка преку листата на Doing Bussines, најновата проценка од кредитната агенција Fitch, како и последниот извештај на Европската комисија во кој макроекономските показатели на Македонија и понатаму, споредено со регионот, се подобри и тоа не само во поглед на економскиот раст, туку и во однос на нивото на задолженост каде што земјата има најниско ниво.
- Сепак, најдобар доказ и верификација на нашите политики се инвестициите на терен, а таму во последните 4 месеци започна мини инвестициски циклус, при што Џонсон Контролс отвора уште една, втора фабрика во Македонија, а влегоа и инвестициите на Текнохозе од Италија, Кемет Електроникс од САД, Протек Груп од Русија и Мадерсон Груп од Италија, потенцира премиерот пред австриските бизнисмени, кој додаде дека тоа ќе биде мотив повеќе да се продолжи со олеснување на условите за бизнис, со инвестирање во слободните економски зони, патната инфраструктура, но и со инвестирање во млади и стручни кадри кои ќе можат соодветно да одговорат на барањата на компаниите и нивните менаџменти.
Владиниот тим пред австриските стопанственици ги претставија макроекономските индикатори, условите за влез на инвестиции во областа на туризмот, предностите што ги нуди Македонија како поволна бизнис дестинација и она што нудат Технолошко индустриските зони во Македонија.
Според претседателот на Стопанската комора на Австрија Кристоф Лајтл искуствата на компаниите кои веќе инвестирале во Македонија се многу позитивни и ги повика компаниите да ги искористат можностите што ги нуди земјата за инвестирање, а кои според него се најдобар пример како може да се инвестира.
Во рамки на посетата на Австрија, премиерот Груевски се сретна со австрискииот канцелар Врнер Фајман, со претседателот на Стопанската комора на Австраија Кристоф Лајтл, а учествуваше и на 8. Виенски економски форум каде ја доби престижната награда што Форумот ја доделува за придонес кон економскиот развој на национално и регионално ниво на земјите членки на Виенскиот економски форум.
|