22.11.2011, 11:37 Македонско-австриски бизнис форум во Виена
Владината делегaција предводена од премиерот Никола Груевски денеска пред бизнис заедницата на Австрија ќе ги претстави можностите за водење бизнис и поволните услови за инвестиции во Македонија.
Ќe бидат претставени условите за инвестирање, предностите што ги нудат Технолошко-индустриските развојни зони, активностите што се преземаат за подобрување на бизнис климата...
На бизнис форумот ќе присуствуваат 145 компании од Австрија, главно од енергетиката, информатика, автомобилски компоненти, електроника...
Австрија е еден од водечките инвеститори во Македонија со прилив на директни инвестиции од 371,9 милиони евра во периодот од 1997 до 2010 година и е на прво место по приливот на странски директни инвестиции од 2005 до 2010 година. Годинава приливот на инвестиции од Австрија изнесува 10 милиони евра. Присутни се во енергетскиот сервис, банкарскиот, осигирувањето, телекомуникациите и други услужни дејности.
Постои голем интерес за влез во енергетскиот сектор, а како целни сектори каде се очекуваат инвестиции од Австрија се автомобилски компоненти, земјоделство и преработка на храна, бизнис услуги и аутсорсинг, фармацевтска индустрија и медицински помагала, обновливи извори на енергија, градежништво и недвижности и туризмот и инфрастрктурата.
Размената со Австрија во првите седум месеци од годинава изнесува 98.004.000 американски долари, со дефицит на македонска страна. Најмногу извезуваме феросиликоманган, плетена и хеклана постелнина, текстил.., а увезуваме месо, ткаенини од памук и други синтентички влакна, производи за исхрана, новинарска хартија во ролни и листови и слично.
Инвестициските можности на земјата владиниот тим ќе продолжи од попладне да ги претстави пред германските бизнисмени во Германија.
Во рамки на посетата на Австрија премиерот Груевски се сретна со австрискиот канцелар Врнер Фајман, а учествуваше и на 8. Виенски економски форум каде ја доби престижната награда што Форумот ја доделува за придонес кон економскиот развој на национално и регионално ниво на земјите членки на Виенскиот економски форум.
|