23.11.2011, 12:43 Скопјани осудени поради разбојништва
Тројца скопјани се осудени поради разбојништва на повеќегодишни затворски казни од судот во Ниш. Како што известија белградските медиуми, Дејан Јаневски е осуден на 11 години затвор, а Михајло Костовски доби 6,5 години поради разбојништво, недозволено држење и носење оружје, како и спречување службено лице при вршење службена должност.
Во отсуство, на седум години затвор е осуден Неџад Дупљак.
Тројцата скопјани, според надлежните, се виновни за разбојништво што минатиот септември се случи во куќа на семејството Петковиќ во Ниш. „Разбојниците, во таа прилика го ранија Растко Петковиќ, кој со таткото Драгослав им се спротиставија на изненадените напаѓачи“, пишуваат српските медиуми.
Од горниот кат на куќата, помладиот син успеал да повика полиција, која пристигнала набргу. Напаѓачкото трио се обидело да побегне, пукајќи во полицијата, при што повредиле повозрасна личност што се затекнала на улица. Едниот скопјанец бил ранет и уапсен, друг бил фатен подоцна кога се обидел да побегне од Србија, додека третиот е се' уште во бегство. (Г.А.)
|