24.11.2011, 13:23 Рафиниран интернационален музички мозаик
Третото издание на „Фестивал на музика од светот“ ќе се одржи во Битола на 3 декември, а ќе донесе еминентни музички имиња
Третото издание на „Фестивал на музика од светот“ кој се одржува во Битола, годинава ќе донесе три исклучителни групи, а ќе се случува во само една вечер. На сцената во Центарот за култура на 3 декември, ќе настапат еминентни музички имиња кои негуваат сосема различни музички стилови. Фестивалот ќе го отвори либанската вокалистка Јола Калифе, која ќе настапи заедно со домашните музичари: Оливер Јосифовски на контрабас, Васил Хаџиманов на пијано, Газменд Бериша на виолина и Александар Петров на перкусии. Потоа следува настапот на џез- пејачката и танчарка Марла Блуменблат од Австрија, која има потекло од Македонија, а која на сцената ќе ја придружуваат Гоце Димовски на пијано, Бојан Петков на гитара и Оливер Јосифовски на контрабас. Третите учесници, кои доаѓаат од Турција - виолончелистот Ибрахим Метин Угур и Шафак Велиоглу, ќе го затворат годинашното фестивалско издание.
Организатор е Центарот за култура во Битола, а негов покровител е Министерството за култура. Како што вели селекторот на фестивалот, Оливер Јосифовски, третото издание го карактеризира рафиниран интернационален музички мозаик, еклектична програма и квалитативен чекор напред.
Марла Блуменблат е пејачка и старлета со богато пејачко и танцово искуство на сцена. Од 2001 година, после завршувањето на нејзините студии по танц на Конзерваториумот во Виена, заминува во Њујорк каде што учи на академијата „Steps of Broadway“. Од тој момент настапува ширум светот, а во 2009 година реализира ДВД со светски познатата старлета Дита фон Тис. Нејзиниот прв албум „Poison Arrows“ беше проследен со голема заинтересираност и возбуда кај публиката и кај критиката. Изработен во духот на 30-те и 40-те години, со гламурот и софистицираноста на Марла Блуменблат совршено се вклопува со нејзината изјава: „Морате да ја чуете мојата музика за да знаете која сум јас“. Оваа дама со македонско потекло, родена во Виена, моментално живее во Берлин. Публиката ќе може да чуе музика од нејзиниот прв албум кој излезе минатата година.
|