24.11.2011, 14:26 Барал 10 илјади евра откуп за сопствениот живот
Велешанец испраќал лажни смс-пораки дека е киднапирал и барал 10 илјади евра откуп за неговиот живот. Измамата ја открила полицијата, откако таткото на велешанецот, пријавил во полиција дека неговиот син исчезнал. Но, истрагата утврдила дека не станува збор за никакво киднапирање, туку за измама, која што ја смислил токму синот, кој сакал на тој начин да изнуди пари од татка си.
Се започнало кога велешкото семејство почнало да добива смс-пораки со закани, да исплатат 10 илјади евра, или во спротивно нивниот син ќе биде убиен. Тие вознемирени од заканите, побарале помош од полицијата. Но, тогаш и се разоткрила целата измама. Според МВР, 30 - годишниот Д.С. сам ги испраќал пораките со неговото семејство, од различни сим картички кои подоцна ги фрлал. Целта била од неговиот татко да земе пари, но место тоа заработи кривична пријава за „лажно пријавување на кривично дело“. (Х.Р.)
|