25.11.2011, 10:25 Рен: Еврозоната се наоѓа на опасна крстосница
Должничката криза во еврозоната доведе до тоа монетарната унија да се наоѓа на опасна крстосница од која зависи опстанокот на заедничката валута, предупреди еврокомесарот за економски и монетарни прашања Оли Рен.
- Пред нас стои или бавна дезинтеграција на зоната на еврото или значајно јакнење на монетарната унија, рече вчера Рен во Хелсинки.
Комесарот одби да ја искоментира разочарувачката аукција на германски обврзници од претходниот ден, од која беа собрани само 3,9 милијарди евра место очекуваните шест милијарди.
- Не е наш обичај да го коментираме дневниот развој на настаните на пазарите, наведе Рен , додавајќи, сепак, дека „ситуацијата е многу сериозна“, бидејќи должничката криза од Грција се прошири во средиштето на Европската унија.
- Заразниот ефект на грчката криза, што зафати различни земји на ЕУ, неодамна се прошири на земјите блиску до срцето на Европа, а сега го зафати и најтесниот центар на заедницата, наведе тој.
Комесарот оцени дека се потребни „ храбри и одлучни решенија без одложување, на состанокот на ЕУ што ќе се оддржи следната недела“ во Брисел.
|