28.11.2011, 12:43 Тачи: Подготвен сум за разговори со Србите од север во Косово
Косовскиот премиер Хашим Тачи изјави дека владата што ја предводи не е во судир со Србите на север и е подготвен да се сретне и да разговара со нив.
- Моето залагање е сите да имаат подеднакви права. Нагласувам дека Косово е дом за сите што сакаат во него да живеат, сите Албанци, Срби, Роми и други граѓани, изјави Тачи за Танјуг. - Јас ќе бидам покрај моите граѓани на север. Владата на република Косово е подготвена да им помогне и излезе во пресрет за сите нивни проблеми. Сакам со нив да се сретнам и да разговарам, да се договориме и да почнеме да ги решаваме сите несогласувања, изјави тој.
Според него, во изминатите 12 години „таму нема ред ни закон и нема демократија бидејќи нема слободни избори“.
- Луѓето таму се заложници на 200 до 300 поединци кои се збогатија со шверц и илегална трговија. Сега е време тие илегални структури да се соочат со правда, наведува Тачи.
Смета дека барикадите не може да се поврзуваат со граѓаните од српска националчност и тоа е „средство на поединци да се зачува статус-кво“.
Тој вели дека Белград треба да се дистанцира од илегалните структури. Тачи тврди дека дијалогот меѓу Косово и Србија има напредок и се заблагодари на ЕУ и САД за целосната поддршка за тој процес. На прашање во кој правец Приштина е подготвена за решение за северот, Тачи вели дека нема да има поделба ниту специјална автономија.
|