30.11.2011, 15:36 Полицаец-сведок не го препозна „тигарот“ Спасов
Со нови сведочења продолжи судскиот процес за убиството на младиот Мартин Нешкоски
Ниту сведочењето на полицаецот Перо К., во случајот кој се води против обвинетиот „тигар“ Игор Спасов, не донесе нови моменти кои би оделе во насока на расветлување на убиството на младиот Мартин Нешкоски. Сведокот Перо К. кажа дека во судницата не го препознава лицето кое што се товари за убиството на Нешкоски.
„Само ден или два по настанот бев повикан на препознавање во полициската станица ’Бит пазар’, но јас и тогаш не го препознав лицето за кое сега се говори“, изјави полицаецот Перо К. и потврди дека лицето кое што трчало по Нешкоски било крупно, гологлаво и со тетоважа на левата рака.
Сведокот рече дека дента бил испратен на испомош на неговите колеги од ПС „Центар“, бидејќи била најавена прослава по завршувањето на парламентарните избори. Половина час пред полноќ, Перо и неговиот колега Зоран Ј. биле повикани од две лица кои се претставиле како лица задолежени за обезбедување на премиерот. Полицајците-обезбедувачи им кажале дека едно лице се обидува да се качи на бината.
„Јас му пријдов на момчето и поразговарав со него. Му кажав дека треба да се потсмири, бидејќи во спротивно ќе треба да го спроведеме во полициска станица. Момчето, кое не го познавав, а за кое подоцна разбрав дека се вика Мартин Нешкоски се потсмири, но набргу потоа тој почна да трча упатувајќи се кон Камениот мост“, изјави Перо К. и кажа дека видел дека како еден од обезбедувачите на премиерот трчал по него. Тој рече дека не знае што се случило, но дека пет минути подоцна од толпата доаѓале повици кои барале полициска реакција. Кога со колегата пристигнале на местото каде што се збирала толпата го видел момчето кое било ставено на клупа. Момчето било во полуседечка позиција, а човекот кој трчал по него и уште едно друго лице му укажувале помош. Нему му било кажано дека момчето се сопнало и дека му се слошило. Тој не видел повреди на телото на момчето, но видел како неговите колеги во цивил, иако бил во бесознание, му го мереле пулсот на момчето.
На денешното судско рочиште во својство на сведоци беа распрашани уште три лица. Станува збор за вработена на штандот на „Форнети“ и двајца обезбедувачи од агенцијата „Национал“. Адвокатот Сашко Дукоски, како застапаник на семејството на сега покојниот Мартин Нешковски, го праша сведокот Татјана Ј. дали по настанот некој и' се јавувал или и' се заканувал, но одговорот беше негативен.
И по две недели откако бранителот на обвинетиот Игор Спасов, адвокатот Ване Андреев, поднесе барање за ослободување од чување на службена тајна од МВР се' уште не е добиен никаков одговор. (Љ.С.)
|