01.12.2011, 15:44 Стилските фасади ќе добијат осветлување
Први ќе се осветлат зградата на „Пелистер“ и на кафулето „Тренд“
Новите фасади на зградите што гравитираат околу плоштадот ќе добијат и осветлување. Планирано е објектите што ќе добијат нова стилска лушпа да бидат и осветлени за впечатокот да биде комплетен. Иако идејата за илуминација не беше најавена кога се промовираше планот на градските власти за стилско надворешно освежување на објектите на плоштадот, Градот Скопје сега бара идејно решение за осветлувањето. Засега само за две згради, иако нова фасада ќе добијат неколку во строгиот центар.
Први на листата за осветлување се зградата во која се наоѓа кафулето „Тренд“ и онаа на „Пелистер“, на која веќе привршува подновата на надворешниот лик. Градските власти објаснуваат дека, всушност, илуминацијата била дел од конкурсното идејно решение за уредување на фасадите во централното градско подрачје.
„Проектот е поделен во два дела и најнапред се изготвени градежните решенија, а во оваа фаза ќе се реализираат решенијата за осветлување. Со проектот ќе се уреди илуминацијата на фасадата на ‘Пелистер‘, а по завршување на градежните работи, и на зградата на ‘Пелагонија‘ и на онаа на улицата ‘Никола Вапцаров‘ кај ‘Тренд‘“, објаснуваат од Градот. (Дс.Т.)
|