02.12.2011, 12:28 Почина Криста Волф, најзначајната писателка во повоена Германија
Вчера во Берлин, на 82 година возраст, почина една од најзначајните писателки во повоена Германија, Криста Волф. Зад себе остави значаен книжевен опус, а нејзините дела се преведени на повеќе од 20 јазици.
Криста Волф во нејзиниот животен опус критички и самокритично ги претставуваше борбите, надежите и заблудите на нејзиното време и тоа со длабока морална искреност и раскажувачка моќ. Меѓу најпознатите романи на Волф спаѓаат: „Размислувања за Криста Т.“, „Касандра“, „Поделен рај“ и „Медеа гласови“. На свои 34 години, Волф се здоби со епитетот „нов литературен глас на Германската Демократска Република“. Но, интересот на Волф за индивидуалното, нејзиното залагање за правото да се биде аутсајдер, не се вклопуваше во социјалистичката културна шема, исто како и нејзините феминистички хероини, Гиндереде, Бетине Бретано, Касандра.
Криста Волф стана фигура за идентификација и литературно ехо на женското движење на Истокот и на Западот. На осми ноември во 1989 години, еден ден пред падот на Берлинскиот ѕид, во информативните емисии во ГДР, таа агитираше за утопијата на демократскиот социјализам. Го пропатува сиот свет, но секогаш се враќаше во ГДР. „Никаде на друго место не можам да пишувам и живеам“, велеше Волф.
Нејзина последната книга е „Градот на ангелите“, објавена во 2010 година. Добитник е на голем број книжевни награди, а многумина во Германија сметаат дека зaслужи и да ја добие Нобеловата награда за литература.
|