01.12.2011, 14:33 Концерт „Виртуози“ со обоистот Алексеј Огринчук
Вечерва во Домот на АРМ во 20 часот, Македонската филхармонија ќе одржи уште еден концерт од циклусот „Виртуози“
Со оркестарот ќе настапи еден од најистакнатите обоисти на денешницата Алексеј Огринчук од Русија. Огринчук, кој концертира насекаде низ светот, е прв обоист на реномираниот оркестар „Концертгебау“ од Амстердам, а на концертниот подиум во Скопје ќе го изведе Концертот за обоа и оркестар од Моцарт.
Под диригентската палка на Борјан Цанев, Македонската филхармонија ќе ги изведе и увертирата „Егмонт“ од Бетовен и Симфонија бр. 39 во Ес-дур од Моцарт.
Алексеј Огринчук дипломира на Школата за музика „Гнесина“ и Парискиот конзерваториум, учејќи со Морис Бурж, Жак Тис и Жан-Луј Капацали, каде што созрева како уметник кој комбинира неверојатна техника со виртуозност и лирицизам. Роден во Москва, Алексеј уште на тринаесетгодишна возраст настапува низ цела Русија, Европа и Јапонија, победувајќи на многубројни натпревари. Тој е дел од престижната програма „Млади ѕвезди“ и програмата на нова генерација уметници на Би-Би-Си. Од август 2005 година, Алексеј е прв обоист на Кралскиот „Концертгебау“ оркестар во Амстердам под раководство од Марис Јансонс, позиција што ја стекнал по неговата работа како прв обоист во Ротердамската филхармонија под раководство на Валери Георгиев. Предава на Кралската академија за музика во Лондон и со голем успех одржува многубројни мајсторски курсеви во Европа и во светот. (Т.И.)
|