28.11.2011, 13:01 Книга раскази за вистински личности од Владимир Плавевски
Во Кинотеката на Македонија утревечер во 19 часот ќе биде промовирана најновата книга на македонскиот писател, доктор и фотограф Владимир Плавевски.
Станува збор за книга раскази под наслов „Вистински приказни“, што ја објави неодамна Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје. За книгата вечерва ќе зборуваат филмологот Илинденка Петрушева и театарскиот критичар Тодор Кузманов, додека за драмската интерпретација е задолжена актерката Снежана Конеска-Руси. На промоцијата ќе бидат проектирани извадоци од македонски филмови кои се тематски поврзани со книгата на Плавевски.
Книгата „Вистински приказни“ содржи 14 раскази што се однесуваат на вистински настани и вистински личности од македонскиот филм и театар: Петре Прличко, Тодор Николовски, Шишков, Бранко Гапо, Дарко Дамески, Ацо Алексов, Ненад Стојановски, Димитар Христов, Душко Костовски, Илија Милчин, Андреј Бељан, Марија Исаја, Боре Ангеловски... Секој текст е проследен и со уметничка фотографија на главниот лик во расказот, направен од авторот на книгата.
Владимир Плавевски досега објавил девет книги: „Папарацо - феномен на денешнината“ (1997), „Градител на боговите“ (1997), „Фотографија“ (1998), книгите со раскази: „Играч на фанта“ (1999), „Амкање“, (2001), „Ловец на самовили“ (2004), „Поплава“ (2006), романот „Цена од Ново Маало (2009)“ и романот „Последниот сплавар на Вардар (2010)“.
Автор е на сценарија според кои за Македонската радио-телевизија досега се снимени повеќе од 40 епизоди од играните серии: „Еурека“, „Прекалени“, „Светски бајки“, „Македонски бајки“ и „Златни басни“. Сценарист е и на ТВ-филмовите: „Состојба пред инфаркт“ (1987), „Бог да ги убие шпионите“ (1993) и „Вампирџија“ (2002), „Бои во времето“ (2005, специјална награда „Златен проектор“ на Астер-фест 2006); „Нави“ (2007), а режисер и сценарист на тв филмот „Мултиплеј“ (2008). За Македонското радио му се снимени девет радиодрами. Неговите драмски текстови „Пипа ритам“ (1986), „Балерината“ (1994), „Кралот Хамлет“ (1995) и „Каста Дива“ (1997), детскиот драмски текст „Трагачи по виножитото“ (1988) и „Министерот и јас“ (2002) се поставени на сцената на Турскиот театар во Скопје; „Раскол“ во Народниот театар во Куманово (1998); а „Операција Лир“ во Народниот театар „Антон Панов“ во Струмица (2002).
Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 2000 година, член на ДЛУПУМ од 1983 година и на Друштвото на филмските работници на Македонија. (Т.И.)
|