02.12.2011, 14:22 „Тигарот“ Игор Спасов очи во очи со својот командир
Обвинетиот полициски специјалец за убиството на Мартин Нешкоски, што се случи на прославата по победата на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори, на денешното судско рочиште се соочи со неговиот колега, командирот во Единицата за специјални задачи (ЕСЗ) при МВР, Игор Божиновски.
Љубиша Станковиќ
Тигарот „Игор Спасов“, обвинет за убиството на младиот Мартин Нешкоски вчера се соочи очи во очи со својот колега, командирот во Единицата за специјални задачи, Игор Б. Тој од него бараше да ја каже вистината пред судот, дека вечерта заедно со уште 15-тина специјалци биле работно ангажирани на плоштадот „Македонија“ за време на изборната прослава.
Како еден од клучните докази, тој пред судот кажа дека ќе приложи фотокопија од службената белешка за неговиот ангажман, чиј што оригинал бил уништен, како и оригиналот на неговиот колега Горан С. Спасов кажа дека сочувал фотокопија од белешката, која што најави дека ќе ја достави до судот.
„Заменику, јас не сакам да те удавам, само подобро е на судот да му појасниш како нас не' повикуваат кога треба да обезбедуваме? Кажи му на судот како ти ги примаш наредбите?!, му ��е обрати Игор Спасов на сведокот гледајќи го во право во очи.
На вака поставените прашања сведокот одговори дека нему му се јавува камандантот и му дава усна наредба, но тоа не беше доволно за обвинетиот и тој продолжи да поставува прашања, откако претходно судот дозволи нивно соочување.
„Кажи дали јас, ти, Горан Стефановски и уште некои од оние кои за цело време на изборната кампања бевме работно ангажирани и на шести јуни? Дали ти е познато дека за настанот имав сочинето службена белешка и дека мојата, но и службената белешка на Стефановски сте ги уништиле, а дека на луѓето кои беа ангажирани наместо 24 им е преправено дека на работа биле до 23,30 часот?, праша обвинетиот Спасов. Тој пред судот појасни дека откако добил отказ од работното место му бил испразнет шкафот во кој ги чувал своите работи, но дека таму останала фото-копија од службената белешка што тој ја напишал и за која рече дека е уништена.
Спасов кажа дека тој „како искусен полицаец“ направил фото-копија од белешката и копијата ја оставил во шкафчето, а кога на неговатасопруга и' ги предавале неговите лични работи, сето тоа било снимано на камера, и дека останала белешката која тој ќе му ја предаде на судот.
„Другарче, јас ќе треба да ’лежам’ за убиство, а тие треба да одговараат за нивните постапки. Јас знам дека ти си кажуваш тоа што кажуваш, ама некои работи не ги кажуваш.. Заменику, јас сум ти пријател!“, му рече Игор Спасов на неговиот колега и побара уште еднаш од него да каже зошто токму тие 15-тина припадници на Единицата и критичната вечер не си заминале кога тоа го направиле другите.
Спасов не доби конкретен одговор и на прашањето: Како токму тие 15-тина припадници на „тигрите“ се нашле пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ, па потоа пред домот на АРМ и на крајот пред бината на плоштадот „Македонија“.
„Мислиш ли дека сите ние бевме ’удрени“ во главата и затоа заминаваме пред Штабот? Кажи дали некој се качи на повисоко и издаде наредба како да се обезбедува домот на АРМ и дали некој неканет можеше да влезе во холот? Кажи дали сите се најдовме пред штабот на ВМРО и дали во широк прстен не ги обездувавме ВИП-личностите додека се движеа кон домот на АРМ? Ако ти не си влегол во домот, тогаш кажи што правевме јас, ти, Чаго, Горан, Јован, Вампирот и другите? Дали не се задржавме во холот на АРМ цели 20 минути?“, запраша Спасов.
Ваквиот расплет на настаните дојде по исказот на сведокот Игор Б. кој рече дека со уште тројца колеги си заминал во 23,30 часот, дека не биле службено ангажирани и дека на плоштадот дошле како обични граѓани.
Најпрво адвокатот на обвинетиот побара од сведокот појаснување на четири приложени фотографии. Сведокот не можеше да ја искоментира фотографијата на која се гледа како од бината говор држи премиерот Груевски, а во првиот ред се припадници на единцата „Тигар“. Тој не можеше да каже ништо поконкретно и на прашањето кое се однесува на поставеноста на лицата од фотографијата, а кои со лице се свртени кон толпата народ, но со грб кон бината и премиерот.
По завршувањето на рочиштето се огласи и здружението „Стоп за полициската бруталност“, односно нејзиниот активист Воислав Стојановски кој рече дека: „Чинот поради кој илјадници граѓани секојдневно протестираа по улиците беше сомнежот дека во немилиот настан се инволвирани и други службени лица кои биле или во улога на помошници или се обиделе да го прикријат злосторот. Сомнежите не само што се потврдија туку и се засилија“. Тој побара Јавниот обвинител, во рамките на неговите надлежности, да пристапи кон проширување на обвинителниот акт и за други лица. |