28.11.2011, 12:58 Премиерот во посета на Сингапур и Јапонија
Владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски од утре до 2 декември ќе ги претстави инвестициските можности на Македонија пред бизнис заедницата во Сингапур и Јапонија.
Претседателот на македонската Влада утре во Сингапур ќе има средба со сингапурскиот премиер Ли Хсиен Лунг, на која се очекува да се разговара за продлабочување на билатералната соработка, особено во економијата и трговијата, соопшти владината прес-служба.
За време на престојот во Сингапур, во соработка со Сингапурската бизнис федерација, ќе се одржи бизнис форум на кој се очекува присуство на повеќе од 50 компании од различни области, пред кои премиерот Груевски и владиниот тим ќе ги презентираат инвестициските можности и поволностите што ги нуди Република Македонија.
Од Сингапур владината делегација ќе замине за Јапонија, каде што ќе ги посети Токио и Осака.
Во Токио, во среда претпладне, владината делегација ќе учествува на бизнис форумот организиран од Јапонската надворешна трговска организација, на кој покрај официјалните презентации од страна на владиниот тим, премиерот Груевски ќе има одвоени средби со неколку јапонски компании со цел да се разменат информации околу нивниот интерес за инвестирање, како за можностите кои ги нуди Република Македонија како атрактивна бизнис дестинација.
Попладнето, премиерот Груевски ќе се сртене со јапонскиот крунски принц Нарухито, што претставува прва средба на македонски премиер со висок претставник на јапонското царско семејство.
Во Владата на Јапонија, Груевски ќе се сретне со неговиот јапонски колега Јошихико Нода. Тоа ќе биде прва посета на македонски премиер на јапонската Влада и средба со јапонски премиер, од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји на 1 март 1994 година. На средбата се очекува да се разговара за продлабочување на билатералните и мултилатералните односи и аспекти на соработка на повеќе полиња меѓу двете пријателски земји, при што значаен дел од разговорите се очекува да биде посветен на зајакнување на економската соработка.
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој е дел од владината делегација, во Јапонија предвидено е да има работна средба со заменик министерот за економија, трговија и индустрија Сеишу Макино.
В четврток претпладне, во седиштето на Јапонската меѓународна агенција за соработка (ЈИЦА), претседателот на македонската Влада, ќе има состанок со претседателот на Јапонската меѓународна агенција за соработка Садако Огата, на која се очекува да стане збор за досегашната соработка, како и за можностите за идни заеднички проекти.
По оваа средба владината делегација заминува за Осака каде што на последниот ден од посетата, во соработка со Јапонската надворешна трговска организација, во Стопанската комора на Осака ќе се организира уште еден бизнис форум на кој заинтересираните јапонски компании ќе имаат можност од прва рака да дознаат повеќе за поволностите кои што ги нуди Република Македонија во рамките на деловната клима и можностите за инвестирање.
Премиерот Груевски за време на посетата на Сингапур и на Јапонија е предружуван од вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за привлекување странски инвестиции Бил Павлески, директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот Висар Фида и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Виктор Мизо.
|