28.11.2011, 12:07 Федерер победник на Мастерсот во Лондон
Швајцарецот во синоќешното финале го совлада Французинот Жо Вилфред Цонга со 6-3, 6-7, 6-3 и ја освои вкупно 70. титула во блескавата кариера.
Швајцарскиот тенисер Рожер Федерер е победник на Мастерсот кој изминативе денови се играше во Лондон. Тој во финалето синоќа го победи Французинот Жо Вилфред Цонга со 6:3;6:7 и 6:3 по сетови, за два часа и 20 минути игра.
Федерер како еден од најголемите успеси во својата кариера го оцени освојувањето по шести пат на овој Мастерс.
- Ова е одличен крај на сезоната. Пресреќен сум што победив во Лондон. Можев и полесно да поминам во финалето, но го „избрав“ потешкиот пат. Можеби и чувството е поубаво кога на завршниот меч ќе се победи во три сета, истакна швајцарскиот тенисер веднаш по синоќешниот меч.
Федерер во своето 100-то финале стигна до 70-та победа на АТП турнирите и со тоа се проби на третата позиција на АТП-листата. Тој се врати на третото место минувајќи го Енди Мареј. Впрочем тоа беше и единствената промена на АТП ранг листата по одигрувањето на мечевите на Мастерс турнирот во Лондон.
Годинава како најдобро рангиран заврши Србинот Новак Ѓоковиќ со 13.675 поени, пред Рафаел Надал со 9.575 поени.
|