01.12.2011, 14:49 Членството во Франкофонијата е додадена вредност за Македонија
„Конференцијата нуди одличен форум за размена на ставови и мислења по актуелни политички случувања поврзани со меѓународната политика“, изјави министерот за надворешни работи Никола Попоски
Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски учеството на 27. Сесија на Министерската конференција на Франкофонијата што се одржува во Париз, ја оцени како можност за размена на ставови и мислења со 56-те земји членки на Франкофонијата, што всушност претставува повеќе од една третина од земјите членки на ОН.
„Конференцијата нуди одличен форум за размена на ставови и мислења по актуелни политички случувања поврзани со меѓународната политика“, изјави Попоски.
Според него, ова е и одлична можност да се направи промоција на приоритетите на нашиот регион од аспект на валоризирање на човековите права, културната и јазичната разноликост во Југоисточна Европа и придонесот кој Организацијата на Франкофонијата може да го даде во овој правец преку афирмативен пристап за целиот регион.
На Конфернцијата, нагласи, беа опфатени и демократските процеси кои се одвиваат во ара��скиот свет со резултатите од најновите избори и можната антиципација на следните чекори, како и ефектите на меѓународната сцена кои може да ги има демократскиот развој на овие општетства.
„За нас, секако ова е одлична можност да увидиме на можните развои од аспект на Република Македонија и импликациите кои тоа ќе ги има врз нашата позиција на меѓународно ниво“, истакна Попоски.
Во тој правец, додаде, за поздравување е фактот што можеме да видиме успешен развој на демократски процеси во други средини, каде што и ние можеме да дадеме определен придонес. Целиот регион го гледа како можен чинител во трансферот на определени искуства во тој домен.
Министерската конференција, на која учествуваат надлежните министри за Франкофонијата, е одлична прилика и за билатерлани формални и неформални средби.
Министерот Попоски имаше повеќе билатерлани средби меѓу кои и со францускиот сенатор и поранешен премиер задолжен за Франкофонијата Жан-Пјер Рафаран. На средбите се разговарало за повеќе прашања. - Во еден дел беа поврзани со дискусиите кои ги имаме на Министерската конференција за демократските процеси во повеќе земји членки на Организацијата на Франкофонијата, појасни Попоски.
Оцени дека членството во Франкофонијата за Македонија значи додадена вредност.
„Сметам дека ние имаме определена додадена вредност со самиот факт што негуваме едно мултиетничко општетство, каде што разноликостте ни се додадена вредност. Од тој аспект, изучувањето на секој странски јазик, за секој граѓанин на Република Македонија претставува додадена вредност. Од аспект на Франкофонијата, извесно е дека пред повеќе децении Францускиот јазик бил повеќе афирмиран во нашата земја. Денес Англискиот ја има земено доминанатната улога, што е логично во нашето модерно општество. Но не треба да се занемарува познавањето на дополнителен јазик, мислам дека во тој правец треба да ја гледаме можноста за афирмативни акции за промоција на други европски јазици, вклучително и Францускиот“, рече Попоски.
Шефот на македонската дипломатија, смета дека во Македонија постои простор за подобрување во овој правец. - Сметам дека повеќе можеме да направиме за афирмацијата која ги нуди Организацијата на Франкофонијата, особено во делот на образовната соработка и можностите кои се пружаат за наши студенти за студирање на франкофонски универзитети, посебно во делот на техничките, но и на социјалните науки, нагласи Попоски.
|