23.11.2011, 12:44 Скопјанец испрскан со спреј, гостиварци врзани со селотејп
Дваесет и едногодишен скопјанец вчера попладне бил ограбен додека се движел по улицата „Благој Давков“ во Скопје. Од зад грб му пришле две лица, од кои едното маскирано, му испрскале спреј во очите, од вратот му го скинале златното синџирче, а од рацете му го зеле паричникот (во кој имало лична карта, картица од банка, 4.500 денари) и златната нараквица. Сторителите потоа го удриле со пиштол по грб и побегнале. По нив се трага.
Од МВР информираа за уште едно разбојништво што во вторникот околу 21,30 часот се случи во Гостивар. Четворица маскирани сторители го нападнале 79-годишниот гостиварец, кој дошол пред влезната врата од семејната куќа. На устата му ставиле селотејп лента, му ги врзале рацете и од џеб на јакната му одзеле 100 евра и 2.500 денари. Двајца од напаѓачите влегле во куќата и ја врзале сопругата на ограбениот гостиварец, по што ја удирале барајќи и' пари. Откако не нашле ништо вредно, побегнале. Брачната двојка е префрлена во болница, а по укажаната лекарска помош е пуштена дома. Насилниците се во бегство. (Г.А.)
|