25.11.2011, 10:51 Шумски пожари пустошат низ западна Австралија
Шумските пожари и денеска продолжуваат да уништуваат згради и да ги изменат плановите за одмор на луѓето во реонот на реката Маргрет, на западното крајбрежје на Австралија, пренесоа агенциите.
Студените ветрови и прогнозите за дожд на овие места, познати по своите лозја и летувалишта, ја олеснуваат работата на 400-те пожарникари.
Најмалку 25 куќи беа проголтани од пожарот, што во средата беше смислено подметнат за да се создаде огнена пречка што требаше да ги заштити имотите на локалните жители. Пожарот, меѓутоа, излезе од контрола, префрлајќи ги ограничувачките линии и принуди стотици луѓе да ги напуштат своите домови по крајбрежниот појас, на 280 километри јужно од градот Перт.
Пет лозови масиви беа прогласени за опасни за луѓето, додека спасувачките екипи се бореа со богатите со смола еукалиптусови дрвја, кои експлодираат и создаваат 10-метарски огнени топки.
|