28.11.2011, 14:25 Пак демолирано возилото на велешкиот градоначалник
Возилото на велешкиот градоналачник Горан Петров, повторно беше на мета на непознати сторители, кои со камен го скршиле ветробранското стакло на автомобилот. Инцидентот се случил синоќа пред куќата во која живее градоначалникот. Според неговото кажување, тој го паркирал возилото околу 23 часот. Два часа подоцна, патрола на полицијата го забележала демолираното возило. Во тек е истрага, велат од велешката полиција.
Автомобилот „сааб“ на велешкиот градоначалник и пред две недели беше на мета на силеџии. На возилото беа уништени предното и задното ветробранско стакло, како и стаклото на левата страна. Сторителите се' уште не се познати. Градоналачникот на Велес, тогаш изјави дека не се сомнева во никого и остави случајот да го расветлат полицијата и надлежните институции.
„Она што за мене е неспорно е дека се работи за вандалски чин, насочен кон мојот приватен имот, моето приватно возило и втората работа е што во никој случај овој настан нема да ме поколеба да го сменам својот начин на размислување и начин на работење“, рече Петров. Тој тврдеше оти не добивал закани, а остана наразјаснето дали инцидентитте имаат врска со најавеното рестартирање на велешката топилница. (Г.А.)
|