29.11.2011, 14:51 Вељаноски-Беркоу: Британија ќе продолжи да ја поддржува Македонија
Претседателот на Собранието на РМ, Вељаноски денеска во Лондон се сретна со спикерот на Долниот дом и на британскиот Парламент Џон Беркоу.
- Велика Британија е пријател на Македонија и официјален Лондон даваше и дава силна поддршка на македонските амбиции за приклучување кон НАТО и Европската Унија, рече Беркоу на средбата. Двете земји имаат пријателски односи и соработка на многу полиња, а македонските и британските војници во Авганистан, се рамо до рамо, во исполнувањето на задачите од оваа меѓународна мисија, рече спикерот Беркоу.
Претседателот Вељаноски објасни дека Македонија е природен дел од Европа и само прашање на време е кога земјата ќе се приклучи кон евроатланските интеграции. Тој ги повтори очекувањата дека Македонија се надева оти по соопштувањето на одлуката на Меѓунарондиот суд за правда, од Хаг, околу наметнатиот спор за името, ќе се создадат поповолни услови за аспирациите на земјата, што е особено важно пред наредниот Самит на НАТО, идната година во Чикаго.
Вељаноски и Беркоу разменија мислење и околу досегашната парламентарна соработка, што заеднички е оценета како мошне добра.
- Сите реформи што ги преземаме на овој план, како и реформите во дугите области не се права само затоа за да се задоволат барањата на на ЕУ или НАТО, туку и затоа што тие и се потребни и на Македонија, рече македонскиот спикер. Тој сугерираше дека соработката меѓу двете земји уште повеќе ќе се засили доколку во тоа се вклучи и бизнисот, па изрази надеж дека во иднина се повеќе британски компании ќе се јават со свои инвестици во Македонија.
Британскиот спикер Беркоу, кој е 157 по ред во долгата британска парламентарна историја, се интересираше за работата на македонското Собрание, а посебно за делот околу пратеничките прашања и дебатата во кои учествува премиерот, признавајќи дека прашањата кон Британскиот премиер се повеќе наидуваат на поделени реакции во британската јавност, зашто пратениците и од двете страни во Долниот дом стануваат пемногу бучни.
Претседателот на нашето Собрание Трајко Вељаноски го покани британскиот спикер Џон Беркоу да ја посети Македонија. По средбата Вељаноски-Беркоу, претседателот на Собранието, како и членовите на целата македонска делегација, учествуваа во работата на групата за соработка на британскиот Парламент со Македонија, со која ракводи пратеничката Карен Ламли.
|