01.12.2011, 14:31 Британските банки се подготвуваат за можен расцеп на еврозоната
Британските финансиски власти (ФСА) кои ја надгледуват работата на финансискиот центар Сити, им препорачаа на банките и на другите финансиски компании, да почнат со подготовките за можниот расцеп на еврозоната, јави дописникот на МИА од Лондон.
Ваква препорака веќе им е дадена на најголемите банки во Велика Британија, како „Барклис“, ХСБЦ, „Лојдс груп“, РБС, „Сантандер-УК“ и „Стандард-Чартерд“. Од овие банки е побарано да ја планираат можноста од „разбивање“ на зоната на единствената европска валута, на два дела, што од ФСА се оценува како реална и можна ситуација.
Ударот од евентуалниот расцеп, нема да биде еднаков за сите британски банки, затоа што не сите имаат кај себе државни обврзници на европските земји, членки на еврозоната. Најзагрозена е банката „Барклис“, која има ангажирани повеќе милијарди фунти во европските државни обврзници, додека „Сантандер УК“ има малку, па нејзината ситуација кога станува збор за државните обврзници на земјите од еврото, е поповолна.
Експерти во Сити продолжуваат да предупредуваат дека еврото тешко ќе може да ја преживее кризата, во сегашниот облик и обем, во кој се наоѓа евроз��ната. Според нивното мислење, за а преживее еврозоната, потребно е Грција да се повлече од таму, но не на хаотичен начин и набрзина. Едно уредно повлекување на Грција од зоната на еврото би можело да се изведе, постепено, во период од неколку месеци, до втората половина на идната година.
Британските финансиски експерти сметаат дека освен повлекувањето на Грција, ќе мора да се определи и нова визија за тоа како понатаму ќе функционира и ќе изгледа еврозоната, оценувајќи дека поделбата на две групи земји членки, изгледа како прифатливо решение.
|