04.12.2011, 11:25 Металург ја постигна историската победа
Ракометарите на македонскиот првак Металург постигнаа победа во натпреварот со Санкт Петерсбург - 32:19 (16:7) и со тоа станаа првата македонската машка екипа која изборила пласман во завршната фаза од Лигата на шампионите.
- Не очекував пред Нова година да имаме изборено пласман во Топ 16 фазата. Публиката беше фантастична и атмосферата исто така. Едноставно го одигравме најдобриот натпревар сезонава, како во нападот така и во одбраната, на противничкиот голман не му дозволивме да одбрани ништо – истакна по натпреварот играчот на Металург, Филип Миркуловски, кој постигна пет голови.
Металург уште од самиот старт најави дека седум илјадната публика ќе се радува во Спортскиот центар „Борис Трајковски“.
По воведните 4:0, Металург поведе и со 10:3, а до крајот на првиот дел беше 16:7. Веднаш на почетокот на второто полувреме Металург имаше и плус 10 и водството постојано се зголемуваше. Нападот беше ефикасен (32 гола - се најмногу голови во групата во ЛШ за Металург) и беше предводен од Жарко Марковиќ, кој постигна 9 голови. Најдобриот стрелец во Лигата на шампионите Наумче Мојсоски постигна седум голови и со 52 гола повторно се врати на првото мест�� на листата на стрелците. Одбраната функционираше перфектно Дарко Станиќ имаше 18 одбрани, а Петар Ангелов шест.
Во вториот натпревар одигран вчера во групата Ц Висла и Копер одиграа нерешено 25:25. На табелата првопласирана е екипата на Хамбург со 14 бодови, Металург е втор со 9, Копер има истотака 9, Висла 5, Ст.Петерсбург 3 и Констанца 2. Натпреварите од следното (осмо) коло се играат од 9 до 12 февруари 2012 година. Паузата е поради натпреварите на Европското првенство во ракомет кое ќе се одржи во Србија.
|