05.12.2011, 15:01 Опозицијата ја поздрави одлуката на Судот во Хаг
Парламентарните опозициски партии денеска ја поздравија одлуката на Меѓународниот суд во Хаг и ги повикаа властите да се искористи одлуката за влез на земјата во ЕУ и НАТО.
- СДСМ ја поздравува денешната правична и принципелна одлука на Меѓународниот суд на правдата, но во исто време ја повика македонската Влада да ја искористи оваа одлука како аргумент за остварување на нашите стратешки интереси и цели, а не за ефтин популизам, самосожалување, погубни политики кои ќе не одалечат од сите, изјави Ана Павловска Данева.
За СДСМ денешната пресуда во Хаг ја потврди реалната состојба и непобитниот факт познат на сите во земјата и на меѓународната заедница дека на Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 Република Грција ја прекрши Времената спогодба.
- Ваквата одлука на судот е објективна и во согласност со содржината на Времената спогодба и ние ја поздравуваме. Денешната пресуда, а уште повеќе тужбата поднесена од македонската Влада покажува дека Времената спогодба е документ кој ги штити националните и државни интереси на Република Македонија, а во исто време и овозможи на Македонија проодност во евроатланските интеграции, рече Павловска Данева посочувајќи дека сегашните обвинувања кон тогашната власт во земјата се без каква било основа и теснопартиски мотивирани. Во Хаг денеска, според неа, се остварија и предупредувањата што ги дала опозициската партија и рече дека судот го одбил барањето на Грција да и се создаде обврска да не ја попречува евроинтеграцијата на Македонија.
- Со тоа денешната судска пресуда се сведува на морална димензија но и без ефикасен механизам да се реши нашиот клучен проблем а тоа е да се овозможи членството во НАТО и отпочнување преговори со ЕУ, смета СДСМ.
Според НСДП, одлуката на Меѓународниот суд на правдата во Хаг за момент ја врати довербата кај граѓаните на Република Македонија во меѓународното право. - Република Македонија како мала држава извојува правна и морална победа на меѓународен план. За жал пресудата на судот во Хаг не носи решение на спорот помеѓу Македонија и Грција, кој и по оваа пресуда останува отворен, изјави Горан Мисовски од НСДП.
Но, според него, приемот на Република Македонија во НАТО и Европската унија и понатаму ќе зависи од способноста на Владата во преговарачкиот процес, како и од добрата волја на грчката страна.
Сафет Бишевац од ПЕИ, смета дека клучното барање на Македонија, јужниот сосед да не не блокира во меѓународните институции, судиите го одбија и затоа ова е голем правен и морален успех за Македонија, но нема место за еуфорија бидејќи нема да смени ништо во реалноста.
##
|