28.11.2011, 11:30 Голем собир на македонските деца багалци во Канада
Во организација на Здружението на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија и македонската Амбасада во Отава, Канада, вчера се одржа голем собир на кој присуствуваа повеќе стотина Македонци, деца-бегалци од граѓанската војна во Грција, повеќе македонски семејства со потекло од Егејска Македонија, како и неколкумина преживеани борци од граѓанската војна.
Како што соопшти македонската Амбасада во Канада, на собирот зборуваа повеќе историчари и претставници на Институтот за национална историја од Скопје, Канадско-Македонското историско друштво и Македонското меѓународно движење за човекови права, а се обратија и македонскиот амбасадор Љубен Тевдовски, претставници од Министерството за култура и Министерството за надворешни работи на Република Македонија, како и од Македонските здруженија во Канада.
Претседателот на Здружението на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија, Ристо Чачкировски, се заблагодари на Владата на Република Македонија и македонската Амбасада што се грижат и активно помагаат да не се заборават страдањата, но и надежите и националните идеали на Македонците од Егејскиот дел на Македонија.
- Ваков собир чекаме со децении, ова е прв пат после 1988 да се собереме во толкав број, истакна Чачкировски.
Маја Ивановска, член на Управниот одбор на Македонскиот Соборен Храм во Торонто, одржа поздравен говор.
- Како млада Македонка, израсната во семејство на деца-бегалци, никогаш нема да си дозволам да се заборават страшните истории на моите претци, и затоа наша задача како млади Македонци е заедно со нашите научни институции да ја промовираме македонската историја и македонската вистина, истакна Ивановска.
Амбасадорот Тевдовски нагласи дека македонската држава е должна да ги помни малите великани, кои ги изодеа македонските планини, Европа и светот, и не заборавија никогаш дека тие припаѓаат на своите села, на своите градови и на нивната мила грутка Македонија.
Тој ги презентираше проектите на македонската влада за зачувување на споменот и историјата на прогонетите Македонци и се заблагодари на истакнатите Македонци, кои го помогнаа овој собир во Канада. Тевдовски се заблагодари на угледниот канадски професор Ендрју Росос, самиот дете-бегалец, кој во научниот свет ја промовира историската вистина за прогонетите Македонци, како и признатиот пластичен хирур д-р Лефтер Манче, кој повеќе од две децении во својата коресподенција со светските лидери ја промовира вистината за Македонците прогонети во време на граѓанската војна во Грција.
Од овој голем собир во Торонто, Канада, македонските деца - бегалци порачаа дека подолгото отсуство на собири од ваков карактер не значи дека тие се откажале од своите човекови права, и нагласија дека за нив од најголем интерес останува правото на враќање на државјанствата и имотите во соседна Грција.
|