28.11.2011, 14:27 Потпишан договор за изградба на плоштадот „Скендер бег“
Деспина Трајковска
Скендер-бег и дефинитивно ќе добие сопствен плоштад. Како и споменикот на Александар Македонски на плоштадот „Македонија“ така и споменикот на албанскиот војсководец ќе се наоѓа во центар на новиот плоштад кој ќе се простира на површина од над 20.000 квадратни метри. Нема да се градат други, нови споменици во неговата околина.
Изградбата на плоштадот, кој многумина го оценуваа како баланс на „Скопје 2014“, ќе стартува наскоро со владини 2,5 милиони евра.
Градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити и директорот на скопското претставништво на австриската фирма „Интернешнл инвестмент груп“ Љубомир Петков, вчера го потпишаа договорот за изградба на првата фаза на плоштадот. Тоа значи дека прво ќе се поплочува делот околу споменикот и постојниот градски паркинг. Плоштадска површина ќе се изведе се' до стоковната куќа „Мост“. Дуќаните што се наоѓаат на потегот, а се привремени објекти, ќе влезат во безистенско решение, со што плоштадот ќе добие одредена нивелација.
Градоначалникот Меџити оцени дека плоштадот ќе има доминантна улога во зачувувањето на културата и традицијата на државата, и��ајќи предвид, како што истакна, дека тоа ќе биде еден од главните фактори за продолжување на ревитализацијата на Старата чаршија. Меџити информираше дека во меѓувреме се прават подготовки за комплетирање на втората и на третата фаза на проектот, односно за покривање на булеварот и дел од подземниот паркинг.
Проектот предвидува плоштадот да добие и дополнителна површина надвор од границите на Чаир, односно да навлезе во општината Центар. Во план е премостување на булеварот „Гоце Делчев“ и изградба на плоштадска површина до слободниот простор помеѓу МНТ и Филхармонија. Во третата фаза од изградбата, пак, предвидено е изведба на паркинг-простор за потребите на новиот реон, кој ќе биде решен со подземни паркиралишта.
На потпишувањето на договорот за извршување на градежните работи на плоштадот „Скендер-бег“ присуствуваа сите министри на ДУИ, пратеници, градоначалници, директори на институции и стотина граѓани. Договорот за изградба на новиот плоштад беше најавено дека ќе се одбележи и со концерт пред споменикот на Скендер-бег во вечерните часови. Официјализирањето на изградбата на плоштадот „Скендер-бег“ се совпадна со Денот на Албанија и на албанското знаме.
|