30.11.2011, 12:51 Стефановиќ: Ќе вложиме напор за постигнување на договор
Шефот на српскиот преговарачки тим Борислав Стефановиќ изјави дека на денешните разговори меѓу Белград и Приштина ќе биде вложен напор за постигнување договор за регионалното претставување на Косово и за решавање на прашањето со граничните премини.
- Пред нас е долг ден, но ќе направиме се за да ги надминеме големите разлики кои постојат, изјави Стефановиќ пред почетокот на новата рунда преговори во Брисел.
Стефановиќ нагласи дека во однос на прашањето околу регионалното претставување на Приштина дошло до приближување на ставовите и изрази оптимизам дека договорот би можел да биде постигнат со почитување на суверенитетот и интегритетот на Србија и Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации 1244.
Со оглед на се она што се случуваше изминатите денови во северниот дел на Косово, Стефановиќ истакна дека тоа не придонесува за стабилноста во регионот.
Според него, важни се три работи, граѓаните да останат обединети, КФОР да не прави напори за насилно отстранување на барикадите и дека тоа граѓаните треба сами да го направат.
- Барикадите оневозможија воспоставување на приштинските институции во севенриот дел на Косово, но сега е ред на политичкиот процес, изјави Стефановиќ.
Во однос на граничните премини, Стефановиќ истакна дека заедничката контрола на премините е реално решение, но дека тоа подразбира отстранување на државни одбележја на овие премини.
Според него, неопходно е присуство на меѓународната заедница, бидејќи тоа е во согласност со резолуцијата 1244 на СБ на ОН и планот на генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун во шест точки.
|