22.11.2011, 12:25 Еврообврзниците најдобро решение за излез од кризата
Европската комисија верува дека издавањето на заеднички обврзници на 17-те земји-членки на еврозоната би било најефикасно решение за излез од финансиската криза во која се наоѓа овој монетарен блок, наведува лондонскиот весник „Фајненшл Тајмс“, повикувајќи се на оценките изнесени во една студија на Еврокомисијата. Весникот оценува дека ваквата идеја на еврокомисијата може да доведе до нови несогласувања со Германија, која претходно веќе оцени дека смета оти еврообврзниците во овој момент не претставуваат најдобро решение, бидејќи германските даночни обврзници ќе бидат изложени на ненаплатливи побарувања поради долговите со кои се соочуваат некои членки на еврозоната. Во студијата на Еврокомисијата се оценува дека замената на постоечките национални обврзници со едни заеднички европски хартии од вредност би била пропратена со поголема финансиска и буџетска координација, како и со зголемена дисциплина со цел „да им се оневозможи на неодговорните држави членки да живеат на сметка на одговорните“.
По финансискиот хаос кој настана во еврозоната како последица на должничката криза на Грција и нејзиното доаѓање до работ на банкрот, регистрир��ни се рекордни зголемувања на трошоците за задолжување на многу членки на Европската монетарна унија. Од друга страна, приносите на германските државни обврзници значитечно се намалија, од причина што инвеститорите ги сметаат германските хартии од вредност со подолг рок на доспевање за сигурни инвестиции. Ваквата состојба доведе до голем дисбаланс на пазарот со обврзници во еврозоната. Германија, која е главен финансиер на постоечките пакети за помош на презадолжените земји, еден период се противеше на спроведувањето на плановите за спас на земјите со големи државни долгови, како што се Грција, Ирска и Португалија, тврдејќи дека владите на овие држави треба да ги почитуваат економските начела и да обезбедат доверба кај инвеститорите. Состојбата во еврозоната драматично се влоши во текот на последните неколку недели по притисокот со кој се соочи Италија од страна на берзанските пазари, што доведе до оставка на италијанскиот премиер Силвио Берлускони и формирање на технократската Влада на Марио Монти.
|