21.11.2011, 12:39 Либија сака да му суди на синот на Гадафи
Националниот преоден совет соопшти дека Либија повеќе сака да му се суди на уапсениот син на убиениот либиски лидер Моамер Гадафи, Сеиф ал-Ислам, во земјата отколку пред Меѓународниот трибунал за воени злосторства во Хаг.
Ова го изјави привремениот министер за правда Мохамед ал-Алагуи, еден ден по апсењето на Сеиф ал-Ислам Гадафи, кој е во притвор во градот Зинтан, југозападно од Триполи.
Хашкиот суд има распишано потерница против уапсениот за злосторства против човештвото.
Главниот обвинител на Трибуналот Луис Морено Окампо изјави дека утре ќе патува во Либија на разговори за тоа каде ќе се одвива судењето. Тој рече дека негова главна цел е да му се обезбеди фер судење на уапсениот син на убиениот либиски диктатор.
|