22.11.2011, 11:48 Полицијата откри депо за чување наркотици, приведени три лица
Во полициска акција синоќа во зграда зад студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“ во Скопје е откриено депо за чување и пакување хероин, марихуана и амфетамини таблети.
Во повеќечасовната полициска акција се приведени три лица, кои дрогата ја набавувале во Турција, а потоа ја препродавале на клиенти во земјава. Според сознанија од полицијата, групата била следена подолго време. Тие работеле по добро разработена шема, при што изнајмиле стан во центарот на градот, во кој ја складирале дрогата. Клиентите ги пронаоѓале по кафеани и откако ќе се договореле за продажба на дрогата, пакувањата со хероин или марихуана им ги носеле на однапред договорена адреса.
При синоќешната акција на полицијата, во станот е пронајдено поголемо количество на хероин, марихуана и таблети. Проценките се дека е запленет хероин во вредност од 300.000 евра.
|