23.11.2011, 14:34 Јанкулоска: Нема сериозна закана за безбедноста во Македонија
Многу сериозно ги следиме сите случувања во регионот и до овој момент не сме констатирале дека постои некоја сериозна закана за безбедноста во Република Македонија, а во тој контекст и во поширокиот регион.
Тоа го изјави министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, одговарајќи на новинарски прашања по засадувањето дрвце на локалитетот Мршевци.
Според Јанкулоска, зависно од динамиката и развојот на настаните ќе се прават безбедносни проценки и доколку е потребно ќе има и соодветна реакција.
- Во овој момент такво нешто не е потребно, нагласи министерката за внатрешни работи.
Случајот со припадникот на специјалната полициска единица „Тигри“, Игор Спасов, обвинет за убиство на Мартин Нешкоски, што се случи на 6 јуни вечерта по парламентарните избори, според Јанкулоска, од аспект на полицијата е целосно затворен.
- Нема нови наредби од судот и нови барања од обвинителот. Но, стоиме целосно на располагање доколку е потребно да се преземат одредени дејствија да се собираат докази ќе излеземе целосно во пресрет на судот и обвинителството, рече Јанкулоска.
Со оглед дека случајот е во фаза на изнесување докази, Јанкулоска наведе дека не може да коментира како оди таа постапка бидејќи станува збор за судски процес.
|