24.11.2011, 14:02 Македонската филхармонија слави 67 години
Во Домот на АРМ во 20 часот, под раководство на американскиот диригент Еван Крист, со Филхармонијата како солист ќе настапи младата виолинистка од Германија, Алиса Маргулис.
Со вечерашниот концерт насловен „Полковникот Киже“, Македонската филхармонија ќе прослави 67 години од своето основање. Во Домот на АРМ во 20 часот, под раководство на американскиот диригент Еван Крист, со Филхармонијата како солист ќе настапи младата виолинистка од Германија, Алиса Маргулис, која се смета за една од најистакнатите млади виолинистки на денешницата. На програмата се извадоци од „Зодијак“, дело на македонскиот композитор Сони Петровски, Концерт за виолина и оркестар од Александар Глазунов, како и комичната оркестарска свита на Сергеј Прокофјев според која е насловен и концертот - „Полковникот Киже“.
Еван Крист е шеф диригент и музички директор на операта и симфонискиот оркестар во Котбус, Германија. Пред оваа позиција работел како помошник музички директор на операта во Вупертал, и две години е помошник музички директор како и привремен музички директор на театарот во Вурцбург. Крист е еден од шесте млади диригенти одбрани од Германската лига на диригенти да биде дел од елитната организација „Диригенти на иднината“. Настапува со бројни оркестри во Европа.
Алиса Маргулис, пак, редовно настапува на сцените на значајни концертни сали: Палатата на уметностите во Брисел, Келнската филхармонија, салата „Изуми“ во Осака, Центарот за уметност на Тел-Авив, „Бетовенхале“ во Бон, Центарот за уметност „Волтон“ во Чикаго, салата „Шенберг“ во Лос Анѓелес и Концертхаус во Виена. Родена е во Германија во семејство на руски музичари.
Инаку, токму на денешен датум во 1944 година, непосредно по ослободувањето на Скопје, на иницијатива на композиторите Тодор Скаловски и Трајко Прокопиев е формиран оркестарот на Македонската филхармонија кој во изминатите седум децении е единствен постојан репрезент на симфониското творештво на македонската концертна сцена. (Т.И.)
|