25.11.2011, 11:42 (ФОТО) Чомовски го помести МАРС, триумф на Лозано
Влатко Лозановски со песната „Кога мене ќе ме немаш“ освои најголем број на гласови од жири комисијата и телевоутингот на четвртото издание на Македонскиот радиски фестивал.
ФОТО: Петр Стојановски
Влатко Лозановски-Лозано со песната „Кога мене ќе ме немаш“ освои најголем број на гласови од жири комисија (претставници на 12 македонски радиостаници) и телевоутинг и победи на четвртото издание на Македонскиот радиски фестивал што се одржа синоќа во полната Универзална сала во Скопје.
Фестивалот започна со задоцнување од околу еден час, а во предвидениот термин (20 часот) на првата програма на Македонската телевизија се емитуваше премиерното издание на емисијата на Александар Чомовски „Ако е... “ На МАРС и неговите пејачи, водители, гости и публика не им преостана ништо освен да почекаат Чом да си ја заврши мислата.
Нејсе. Овогодинешното издание на МАРС го означија 15 песни кои успеаја да се пласираат во финалето и да се тркаат за признанието радиски хит на годината, кое го освои Лозано (104 гласа), кој покрај паричната награда доби и гратис Универзална сала за организирање на солистички концерт. Второпласирани според вкупната листа на гласови беа Елена и Ламбе со „Најдобро до сега“ со 101 глас и Дарко Илиевски кој пееше „Да ти биде срам“, со која освои 80 гласови.
Според гласовите од телевоутингот најдобри беа Мартин и Стефан од „Некст тајм“ и нивната „На крајот од денот“, а како награда добија бесплатно користење на Универзална сала за солистички концерт. За најдобар текст беше прогласен „Ко да не е крај“, зад кој се потпишува Огнен Неделковски, а ја исполнува Ѓоко Танески. Признанието за „Ѕвезда што се раѓа“ и припадна на Орхидеја Дукова, а постхумно беше наградена и м-р Ана Вуковиќ, кој беше дел од организацијата на минатогодишните фестивалски изданија. Специјалното признание за особени заслуги во развојот, популаризацијата и афирмацијата на македонската музика во Македонија, но и надвор од нејзините граници замина во рацете на поп пејачката Каролина Гочева, која настапи во ревијалниот дел со прекрасната тема „Не се враќаш“.
- Веќе 20 години сум дел од музичката сцена и во ниту еден момент не сум се покајала. Се сметам за среќен човек... Ви благодарам што ја почитувате мојата музика и понатаму ќе продолжам да творам...“, рече Каролина.
Свој настап на годинешново издание имаа и гостите- Анабела и Ален Исламовиќ, кои, исто така, беа наградени со статуетки за „огромна присутност во македонскиот етер и на концерти“.
Водителски тандем на четвртото издание на МАРС, кое имаше и малку поинаква сценографија- во стилот на дневна соба, беа Димитар од „Тротоар“ и Миа од „Бекстејџ“, а позади сцената се јавуваше Дијана од МТВ. Фестивалот мина без скандали, но преносот на МТВ го одбележија низа технички недостатоци. (К.Ш.)
|