27.11.2011, 11:16 Мохамед ел Барадеј е согласен да биде премиер на Египет
Водечката личност на египетската политичка сцена Мохамед ел Барадеј изјави дека е подготвен да се откаже од кандидатурата за претседател доколку добие повик од воените лидери да биде премиер во преодната влада.
Ел Барадеј кој се сретна со претставници на Врховниот совет на оружените сили, рече дека е „подготвен да се откаже од идејата за кандидатура на претседателските избори доколку од него биде побарано да формира влада“.
Демонстранти во Каиро бараат воените лидери да ја напуштат власта и во повеќе наврати го предлагаа ел Барадеј да ја води државата кон демократски промени.
Соопштението од ел Барадеј е дадено во момент на политички немири во државата каде протестите за смена на воените власти се закануваат да ги фрлат во сенка парламентарните избори в понеделник, први од симнувањето на претседателот Хосни Мубарак од власта во февруари.
Политички активисти повикаа денеска на нов протест за да изразат несогласување со одлуката на воените власти да го именуваат Камал ал-Ганзури за нов премиер. Ганзури беше претседател на владата во време на Мубарак.
|