28.11.2011, 14:01 Мојсоски и Лазаров најдобри стрелци во ЛШ
Двајца Македонци го запоседнаа врвот на листата на стрелците по шестото коло во машката ракометна Лига на шампионите.
Петте гола против Констанца се покажаа доволни за бекот на Металург и на македонската репрезентација Наумче Мојсоски да го зачува врвот со вкупно 45 погодоци. Капитенот на националниот тим Кирил Лазаров, пак, со седумте гола за Атлетико Мадрид во тешката победа од 28:27 против Кјелце на свој терен прексиноќа стигна до 42, со кои е осамен на втората позиција. Третото место го делат Хрватот Златко Хорват од Кроација осигурање Загреб и Словакот Франтишек Шулц од Пик Сегед со по 39 погодока.
Останатите македонски ракометари што настапуваат во ЛШ не се меѓу првите 50 по ефикасноста. На импровизираната македонска листа зад Мојсоски и Лазаров се „металурзите“ Филип Миркуловски со 18 гола, Стевче Алушовски со 14 и Гоце Георгиевски со 12, следува Бранислав Ангеловски од Констанца со девет итн. (Р.Д.)
|