02.12.2011, 15:40 Ерлер: Да се искористи шансата за решение на името!
Процесот на проширување на ЕУ се политизира. Блокадата треба да се отстрани. Легитимно е да се преиспита и односот кон Македонија. Потребна е нова стратегија за проширувањето, смета Гернот Ерлер, пратеник во германскиот Бундстаг и претседател на Друштвото за Југоисточна Европа кое во Берлин организираше конференцијата за кризата во Грција.
- Европската стратегија за проширување е во криза. И покрај ветените европски перспективи, земјите од Западен Балкан најконкретно го чувствуваат синдромот на преоптовареноста на Унијата по последниве проширувања, но и негативните искуства од Бугарија и Романија кои ја активираа резервата и недовербата на старите членки на ЕУ. Сево ова, вклучувајќи ја и најновата криза на еврото и на Грција, ги поместија на неопределен рок временскиот хоризонти за наредната рунда проширување со државите од Западниот Балкан, смета Ерлер.
Тој, пренесува Дојче Веле, на овој форум ја презентира идејата за создавање нова стратегија за проширувањето на земјите од регионот, со која ќе се врати довербата и ќе се забрза процесот.
- За жал видовме дека имаше политизирање на процесот на проширувањето. Мислам конкретно на граничниот спор меѓу Словенија и Хрватска, но и на спорот меѓу Македонија и Грција, каде поради принципот на консензус, членките на ЕУ се во посилна позиција при што ваквите интереси се инструментализирани и носат несигурност во целиот процес на натамошното проширување, смета Ерлер.
Отстранувањето на блокада, според него, ќе биде многу значајно за решение на спорот за името меѓу Грција и Македонија.
- Треба да се види и кои се европските гледишта. Интересно е што Грција е во ситуација во која и треба помош. Иако ова не треба да се искористи, легитимно е околу ова прашање да се погледне и односот кон Македонија. Во моментов мислам дека со решавањето на оваа блокада, а тоа е навистина блокада, исклучително ќе се придонесе за враќање на довербата во процесот на проширувањето, при што и двете страни мора да се поместат, вели Ерлер кој се заложи за ревитализирање на Стратегијата за проширувањето на ЕУ подвлекувајќи дека за нејзино спроведување предуслов е брзото решение на евро кризата со што би се создале нови капацитети за прием.
|