02.12.2011, 13:06 Мајк Ли ќе го предводи жирито на 62. Берлинале
Исклучителното име на новиот британски филм, режисерот Мајк Ли, ќе биде претседател на жирито на претстојниот 62. Берлински филмски фестивал, кој ќе се одржи од 9 до 19 февруари
Авторот на ремек-делата „Соголени“ и „Тајни и лаги“, кои беа наградени во Кан, се смета за еден од најважните претставници на авторскиот филм во својата земја, но и во Европа. Тој е познат по својот жесток јазик, по бескомпромисната критика на британското општество, но и по неговиот специфичен ироничен стил. Од неговото режисерско деби со „Мрачни моменти“, за кој доби „Златен леопард“ во Локарно, па се' до неверојатната социјална драма „Вера Дрејк“ која освои „Златен лав“ во Венеција, Мајк Ли важи за автор со голема имагинација, но и за автор кој непогрешливо умее да проникне во човечката природа.
Во Берлин Мајк Ли досега беше неколку пати со филмовите „Во меѓувреме“ од 1984, со „Животот е сладок“ од 1991 и пред три години во главна конкуренција со „Хепи гоу лаки“, кој на Сели Хокинс и ја донесе „Сребрената мечка“ за најдобра улога. Лани со последниот филм „Уште една година“ беше повторно во главна конкуренција на фестивалот во Кан. Мајк Ли има режирано над 20 филмови, но исто така е познат и како театарски режисер и драматург. (С.У.)
|