30.11.2011, 12:21 Мандолинскиот оркестар на МКЦ со концерт ќе одбележи 30 години
По повод јубилејот, вечерва во Македонската опера и балет оркестарот ќе свири дела од Бах, Моцарт, Родриго, Брамс, Шуберт, Дворжак, како и од Тошевски, Бранѓолица, Коларовски, Шуплевски, Кирил Трајковски, Хрисиќ
Мандолинскиот оркестар на Младинскиот културен центар вечерва со целовечерен концерт во Македонската опера и балет ќе одбележи 30 години постоење. По повод јубилејот оркестарот ќе свири дела од Бах, Моцарт, Родриго, Брамс, Шуберт, Дворжак, како и од Тошевски, Бранѓолица, Коларовски, Шуплевски, Кирил Трајковски, Хрисиќ.
Мандолинскиот оркестар е основан во 1981 година во рамките на музичката програма на тогашниот Дом на млади „25 Мај“, сега Младински културен центар (МКЦ).
Иако неговите членови се аматери, тие професионално ја изведуваат музиката на големите композитори, имаат богат и разновиден репертоар со дела на автори од различни епохи и стилови - од класика до македонски фолклор.
Покрај во Македонија, оркестарот учествувал и на голем број фестивали во Европа - четири пати на Интернационалниот фестивал на музика за млади во Вила Нова де Гаја во Португалија, трипати на Европскиот ��узички фестивал во Нерпелт, Белгија; двапати на Меѓународниот фестивал во Словенија (Стична), на Фестивалот „Музички импресии“ во Бидгошч, Полска; на Светскиот младински фестивал во Абердин, Шкотска; како и на еден од најстарите фестивали во Логроњо, Шпанија.
Имаат освоено престижни награди и признанија. Последни нивни успеси се две награди во оваа година - прва награда за оркестарот и специјална награда за диригентот на натпреварот на мандолински и гитарски оркестри „Прашки струни“ во Прага и втора награда во Имотски, Хрватска.
Влезот за вечерашниот концерт на Мандолинскиот оркестар во МОБ е слободен.
|