01.12.2011, 12:39 Акција „Калдрма“: уапсени 87 вработени на патарини
Според процените на полицијата, уапсените направиле штета од два милиона евра
Љубиша Станковиќ
Осумдесет и седум инкасатори на патарините, нивните раководители и заменици се уапсени во последната акција на полицијата, наречена „Калдрма“. Неколкумесечната истрага финишираше вчера, кога беа приведени најголем дел од групата, додека по петмина од нив се' уште се трага. Тие се осомничени за малверзации во Јавното претпријатие „Македонија пат“ и за криминал тежок над 120 милиони денари, или два милиона евра. За толку средства е оштетена Агенцијата за државни патишта.
Од раните утрински часови во скопскиот Кривичен суд припадниците на ЕБР со полициски џипови ги спроведуваа осомничените. Со акцијата „Калдрма“ се опфатени вработени на наплатните рампи по должина од „Коридорот 10“, односно на потегот од Куманово до Гевгелија. Како што потврди и министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, меѓу приведените се и еден раководител и заменик на Одделение за наплата во „Македонија пат“. Според неа, тие не сториле ништо да го спречат криминалот во фирмата, а дозволиле на наплатните рампи да се издаваат фалсифи��увани фискални сметки.
„Тројца од членовите на криминалната група, од кои еден бил отпуштен поради издавање фалсификувани фискални сметки, користеле бланко контури за фискални сметки со оригинална хартија, при што ги изработувале лажните сметки и сами ги употребувале, односно ги делеле на останатите вработени. Недостатокот на пари во годишниот извештај бил забележан според автоматските бројачи за возила на патарините откако се појавила минусна разлика“, изјави Јанкулоска. Претреси биле извршени кај вработени на патарините и во службени простории на наплатните рампи кај Миладиновци, Отовица, Стоби, Сопот и Петровец. По извршените претреси, пронајдени се програма за печатење на фалс-сметките и 2.000 испечатени сметки.
Од МВР официјално потврдуваат дека првичните сомневања за криминал во ЈП „Македонија пат“ се појавиле уште лани. Со примена на посебните истражни мерки била идентификувана групата од 92 лица. Според полицијата, како организатори на групата се јавуваат раководителот и неговиот заменик од Одделението за наплата. Услов за припадност на групата била месечен надомест, односно давањето поткуп на организаторите во висина од 100 до 500 евра.
Најголем дел од приведените се од Скопје, Велес, Штип, Тетово, Гевгелија и од Неготино. Полицијата се' уште трага по уште петмина, за кои е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластувања, примање поткуп, противзаконито посредување, злосторничко здружување и фалсификување исправа.
Најновата полициска акција претставува продолжение на случаите од 2007 и 2008 година кога, во два наврата, беа приведени 72, односно 26 лица под сомнение дека сториле проневера во работењето на наплатните рампи. Овие два случаја во јавноста беа познати под името „Змиско око“. |