30.11.2011, 13:38 Втор Нигериец во дресот на Вардар
На тринеделна проба поранешниот играч на Хапоел од Тел Авив, Ибе Зито Огбона
Вардар веќе размислува за вториот дел од фудбалското првенство, во кој го очекува битка на два фронта - за шампионската титула и за освојување на Купот на Македонија, за што има големи шанси. По 16 одиграни кола води на табелата во Прва лига со пет бода повеќе од Металург и дури десет во однос на се' уште актуелниот првак Шкендија. Освен тоа, црвено-црните се пласираа и во полуфиналето на Купот.
И покрај солидниот состав што во моментот го има Вардар, во клубот веќе размислуваат за засилувања за пролетната сезона. Денеска во Скопје ќе допатува Нигериецот Ибе Зито Огбона, кој би требало да биде првата од најавените аквизиции. Огбона има играно за романски Клуж, а во Вардар доаѓа од Хапоел од Тел Авив, каде што беше прв стрелец, но договорот му заврши и тој побара нова средина.
Тренерот Илчо Ѓорѓиоски има гледано неколку касети со настапите на Нигериецот, кој му оставил добар впечаток со својата височина и со робусниот стил на игра. Тој е типичен напаѓач и одличен играч со глава, каков што му е потребен на Вардар во нападот.
Огбона ќе тренира во наредни��е три недели со играчите на Вардар, ќе биде подложен и на лекарски прегледи и, ако се' биде в ред, од 1 јануари ќе потпише договор со нашиот најтрофеен клуб. Тој ќе биде вториот играч од Нигерија со шанси да го облече црвено-црниот дрес покрај стандардниот првотимец Губадија Оса, кој не го познава 28-годишниот Огбона. (М.М.)
|